Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на промоцијата на „Планот за професионален интегритет 2026–2028“ на Министерството за внатрешни работи, активност која се реализира во рамки на програмата на ДЦАФ за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Македонија 2021–2026.
Настанот беше посветен на претставување на стратешките приоритети, институционалните обврски и конкретните мерки утврдени во новиот План, чија цел е унапредување на интегритетот, транспарентноста и одговорноста во работењето на полицијата.
Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека интегритетот претставува темел на современата и професионална полициска служба, нагласувајќи дека вредности како чесност, доверба, праведност и одговорност се суштински за зајакнување на владеењето на правото и довербата на граѓаните.
„Планот за професионален интегритет 2026–2028 претставува значаен инструмент во борбата против корупцијата, со кој се предвидува јакнење на капацитетите во областа на етиката и професионалните стандарди. Нашата цел е јасна – нула корупција во полицијата. Само со доследна примена на законите, транспарентност и одговорност можеме да изградиме институција во која граѓаните ќе имаат целосна доверба“, нагласи министерот Тошковски.
Тој потенцираше дека Министерството за внатрешни работи, во координација со Владата, континуирано работи на унапредување на механизмите за превенција, детекција и санкционирање на корупцијата, како и на зајакнување на професионалните компетенции на полициските службеници преку обуки и развој на етичките стандарди.
Министерот истакна дека Планот, заедно со Акцискиот план, претставува цврста основа за понатамошен развој на демократска, транспарентна и одговорна полиција, усогласена со европските стандарди и принципите на заштита на човековите права.
Воедно, Тошковски изрази благодарност до Европската Унија, како и до Швајцарија, Шведска и Холандија, како и до ДЦАФ и проектниот тим за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на реформите во безбедносниот сектор.












