Ивица Дачиќ за бомбардирањето: Србија продолжува да живее

Макфакс

24/03/2026

10:03

227

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денес, по повод 27 годишнината од интервенцијата на НАТО во СР Југославија, оцени дека земјата била изложена на огромна сила, но дека таа не е скршена.

„Во 1999 година, врз Србија паднаа бомби, беа срушени мостови, училишта, болници и домови. Загинаа невини луѓе, деца, жени и стари лица. Тоа беше агресија без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации, против мала земја која ја бранеше својата слобода и достоинство“, објави Дачиќ на својот Инстаграм профил.

Дачиќ тврди дека Србија излезе од „деновите на страдање со уште посилна свест за тоа колку слободата, независноста и правото на свој пат се вредности што не можат да бидат уништени со бомби или притисок“.

„Дури и по тие тешки денови, Србија продолжи да живее, да се обновува и да се зајакнува. Нашата нација многу пати во историјата покажа дека знае како да го избере патот на достоинството, слободата и силата. Убеден сум дека така ќе биде и во времето што доаѓа, бидејќи Србија секогаш наоѓа начин да остане исправена и сама да одлучува за својата судбина“, изјави Дачиќ.