[ФОТО] ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани диви депонии на „Пластичарска“ и во Чаршија

Макфакс

24/03/2026

10:14

383

Големина на фонт

а а а

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија две обемни диви депонии лоцирани на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) и во Старата скопска чаршија.

„Локацијата на булеварот Никола Карев, на пресекот со улицата Максут Садик, веднаш до детското игралиште, претставува „црна точка“ каде што континуирано се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини. ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на своите последни активности на оваа локација отстрани приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад. По подигнувањето на отпадот беше извршено машинско миење на просторот со употреба на автоцистерна“, соопшти претпријатието.


Според ЈП Комунална хигиена Скопје, втората поголема интервенција за расчистување диви депонии беше реализирана во Старата скопска чаршија, каде што беа подигнати 20 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, градинарски и кабаст отпад во непосредна близина на културно-историскиот локалитет Куршумли ан, кој претставува културно наследство од особено значење за државата.


Само во текот на изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 575 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.