Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, вчера оствари средба со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксана Минзату.
На средбата стана збор за унапредување на соработката во областа на образованието, вештините и младинските политики, како и за можностите за натамошно продлабочување на партнерството во рамки на европските образовни и мобилни програми. Соговорниците ја нагласија заложбата за зајакнување на квалитетот и усогласеноста на образовниот систем со европските стандарди, како и за зголемено учество во програмите „Еразмус+“ и Европската образовна област.

Во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, министерот Муцунски учествуваше и на тркалезната маса „A path for European enlargement“, во организација на Friends of Europe, посветена на актуелните политички приоритети поврзани со процесот на проширување, економската и безбедносната соработка, како и на прашањата за постепената интеграција, економската отпорност, поврзаноста и деловната клима во регионот на Западен Балкан.

Во рамки на денешната програма, предвидено е министерот Муцунски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, да оствари средба со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер, како и низа средби со пратеници во Европскиот парламент.








