Зошто базата „Диего Гарсија“ е толку значајна? Иран гаѓал остров оддалечен речиси 4.000 километри

Точка

21/03/2026

17:07

1.267

Големина на фонт

а а а

Иран истрела две балистички ракети кон американско-британската воена база Диего Гарсија, која се наоѓа среде Индискиот Океан.

Овој напад претставува потенцијална нова ескалација на конфликтот, со оглед на тоа што базата е оддалечена дури 4.000 километри од иранскиот брег.

Нападот не бил успешен, според изјавите на американски претставници. Првиот проектил сам откажал за време на летот и паднал во морето, додека вториот бил соборен од американски воен брод со користење на системот СМ-3, кој ги уништува целите со кинетичка сила („hit-to-kill“), без експлозивна боева глава.

Стратешкото значење на Диего Гарсија

Базата Диего Гарсија се наоѓа на изолиран остров во архипелагот Чагос и претставува една од најважните воени бази во светот.

Понекогаш таму се стационирани бомбардери способни да носат нуклеарно оружје. Токму во петокот Велика Британија ѝ ја отстапи оваа база, заедно со базата Ферфорд во Англија, на Соединетите Држави за користење во „специфични одбранбени операции против Иран“.


Диего Гарсија е еден од околу 60-те острови што го сочинуваат архипелагот Чагос, последната колонија во Индискиот Океан што Велика Британија ја формираше со одвојување од Маврициус во 1965 година. За изградба на воената база, Британците кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години насилно протерале околу две илјади локални жители.

Договорите од 1966 година му го дадоа островот под закуп на САД на 50 години, со можност за продолжување за дополнителни 20 години. Иако оригиналниот договор истече во 2016 година, Британците го продолжија до 2036 година. Исто така иако во 2025 година беше потпишан договор за враќање на суверенитетот над островите на државата Маврициус, Велика Британија го задржа правото на 99-годишен закуп за базата да продолжи да функционира.


Диего Гарсија беше базата од која американските бомбардери Б-2 дополнуваа гориво пред првите воздушни напади врз Авганистан по 11 Септември. За време на подоцнежната „војна против тероризмот“, авионите летаа директно од островот кон Авганистан и Ирак.

Реакција на САД

Иранскиот напад предизвика загриженост во Вашингтон, бидејќи Техеран со години тврдеше дека дострелот на неговите ракети изнесува 2.000 километри, додека овој напад сугерира дека тој дострел би можел да биде двојно поголем.

Се претпоставува дека биле користени балистички проектили Хоремшахр-4, кои носат боеви глави тешки повеќе од еден тон. Доколку се потврди дека можат прецизно да гаѓаат цели на оддалеченост од 4.000 километри, тоа значи дека на Иран му се во дострел дури и европските престолнини, како Париз. Сепак, можно е обидот за удар врз Диего Гарсија повеќе да бил сигнал отколку вистинска намера, односно блеф на Револуционерната гарда за да се покаже воена моќ.


Нападот се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да ги намали операциите во Иран и дека се разгледува постепено намалување на големите воени ангажмани на Блискиот Исток во однос на „иранскиот терористички режим“. Меѓу целите што ги наведе беше и „целосна деградација на иранските ракетни способности, лансерите и сè што е поврзано со нив“.

Сепак, обидот за напад врз Диего Гарсија покажува дека Иран и натаму поседува воени капацитети за одмазда.