Една евтина намирница би можела да делува како Оземпик и да помогне за здравјето на срцето

Точка

20/03/2026

16:17

664

Големина на фонт

а а а

Нутриционистите и лекарите препорачуваат во исхраната да се вклучи една евтина и лесно достапна намирница богата со протеини, бидејќи би можела да има некои ефекти слични на оние врз кои се темели дејството на лекот Оземпик.

Иако Оземпик првенствено е наменет за лекување на дијабетес тип 2, многумина го користат и за слабеење, но лекарите истакнуваат дека правилната исхрана и понатаму е најдобриот пат до здравје.

Сите видови грав можат да бидат добар избор

Без разлика дали станува збор за црвен, црн, бел грав, лима грав, наут или соја, нутриционистите велат дека сите тие видови можат да помогнат при слабеење, а воедно имаат позитивно влијание врз здравјето на срцето. Гравот притоа е и многу достапен, може долго да се чува и лесно се вклопува во различни начини на исхрана.

„Не постои еден ‘најздрав’ вид грав, бидејќи сите се нутритивно вредни. Гравот генерално содржи растителни протеини, влакна, сложени јаглехидрати, фолати, железо, магнезиум, калиум и полифеноли“, изјавила за „Daily Mail“ нутриционистката Кејтлин Бил. „Може да постојат мали разлики меѓу видовите кога станува збор за точниот состав, но сите содржат хранливи материи што се сметаат за корисни за здравјето“.


Таа истакнала и дека сојата, односно едамаме, е особено богата со протеини, додека варениот лима грав содржи многу сложени јаглехидрати кои придонесуваат за подолго чувство на ситост и постабилно ниво на шеќер во крвта.

Предности за здравјето на срцето

Д-р Кетрин Мецгар објаснила дека редовната консумација на грав може да има позитивно влијание врз здравјето на срцето, особено кога станува збор за холестеролот. Таа се повикала на преглед од 2014 година објавен во списанието „Canadian Medical Association Journal“, кој покажал дека секојдневната консумација на една порција грав, леќа или наут е поврзана со значително намалување на ЛДЛ, односно „лошиот“ холестерол.

„Голем дел од придобивките се кријат во видот на влакна што ги содржи гравот, особено растворливите влакна. Тие влакна во дигестивниот систем делуваат речиси како сунѓер. Се врзуваат за холестеролот и помагаат во негово отстранување од телото, што може да го намали нивото на ЛДЛ“, рекла таа.

Гравот е исто така богат со калиум и магнезиум. Калиумот помага во регулирање на крвниот притисок, додека магнезиумот придонесува за опуштање на срцевиот мускул помеѓу отчукувањата, намалување на воспалението и ширење на крвните садови, што исто така може да го намали притисокот.


„Гравот содржи и полифеноли и други корисни соединенија што делуваат како антиоксиданси и можат да помогнат во намалување на оксидативниот стрес и воспалението во телото“, додала Бил, повикувајќи се на преглед од 2025 година објавен во списанието „International Journal of Molecular Sciences“.

Помага при слабеење и стабилизација на шеќерот во крвта

Освен што е богат со протеини, гравот содржи и многу влакна кои помагаат подолго да се задржи чувството на ситост. На пример, една шолја варен црн грав содржи околу 15 грама протеини и околу 15 грама влакна.

„Влакната ја забавуваат брзината со која телото ги вари и апсорбира јаглехидратите, што помага да се одржува постабилно ниво на шеќер во крвта и може да го намали падот на енергијата и желбата за храна во текот на денот“, појаснила Мецгар.

Новите истражувања укажуваат дека црниот грав би можел да влијае на нивото на GLP-1, хормон кој помага во регулирање на апетитот и нивото на шеќер во крвта, а врз неговото дејство се темелат лекови како Оземпик и Вегови. Во студија од 2023 година, глувци хранети со црн грав имале 21,6 проценти повисоко ниво на овој хормон во споредба со глувци на исхрана богата со масти.


Мецгар додава дека влакната од гравот можат да придонесат за поздрав цревен микробиом, а со нивната разградба настануваат соединенија кои можат да помогнат во намалување на воспалението и да го поддржат здравјето на срцето. Бил истакнува дека за здравјето на цревата најдобро е да се јадат различни видови грав.

Можна поврзаност и со помал ризик од рак

Истражувањата укажуваат и на можна поврзаност на гравот со помал ризик од некои видови рак, особено колоректален. Студија од 2023 година, спроведена од истражувачи од американскиот центар „MD Anderson Cancer Center“, покажала дека учесниците кои секој ден јаделе една шолја бел грав имале повеќе корисни бактерии и помалку од оние поврзани со колоректален рак.

Бил сепак предупредува дека ваквите истражувања не докажуваат директна причинско-последична врска. Поточно е да се каже дека гравот е дел од исхрана богата со влакна и растителна храна, а таквиот начин на исхрана се поврзува со помал ризик од некои видови рак.