Кина гради нов „голем ѕид“ но овој пат на вода, објави австралискиот „News“ и додаде дека се појавиле сателитски снимки кои прикажуваат илјадници насобрани рибарски бродови.
Првпат такво собирање било забележано во декември во морето помеѓу Кина и Јапонија, потоа во јануари, па сега пак, долж брегот на Шангај. Иако не е познато зошто се насобрани бродовите и стојат во навидум правилни формации, се верува дека не станува збор за риболов. Професорот по стратегија Ендру Ериксон ги опишал маневрите како огромен и прецизно координиран „флеш моб“.

„Замислете го вашиот пацифички крузер да биде блокиран од ѕид од 2.000 рибарски бродови. Народна Република Кина може да го оствари тоа“, рекла стратешката аналитичарка Џил Голдензиел, додавајќи: „Преку масовни формации на поморска милиција, НР Кина ја покажа својата способност да блокира главни морски патишта и да создаде тактички притисок со огромни последици за глобалната трговија. Кина може да ги искористи задоцнувањата и да ги зголеми трошоците на бродскиот сообраќај на краток рок, нанесувајќи ѝ штета на американската трговија. Без формална војна, па дури и трговска војна, НР Кина може да изврши принуда врз САД и светот… Аналитичарите го гледаат ова како можна вежба за масовна мобилизација на цивили за идна блокада или морски карантин, или едноставно како тактички притисок врз противниците“.
Граѓанскиот статус на тие рибарски бродови создава правно-политичка „сива зона“ и ова би можела да биде намерна тактика што би можела да се искористи за да се избегне воен конфликт. Но илјадници бродови кои вежбаат „изградба на ѕидови“ сугерираат нова, многу поголема цел. Глетката на толку многу бродови што дејствуваат заедно е зачудувачка. Нивото на координација потребно за да се соберат толку многу бродови во оваа формација е значајно“, изјавил аналитичарот Марк Даглас.
Автоматските идентификациски системи (AIS) не се задолжителни за комерцијални рибарски бродови. Но фактот дека толкав број кинески бордови го вклучиле системот пред да заземат позиции во огромни формации сугерира дека се испраќа „сигнал“ до светот, пишува австралискиот „News“.
„Во услови на ескалација на кинеско-јапонските тензии од ноември, бродовите требало да ги предупредат Јапонија и Тајван“, истакнала професорката Чисако Масуо.
Три дена откако беа формирани рибарските бродови, Пекинг започна голема воена вежба наречена „Justice Mission 2025“, дизајнирана да вежба блокада на поморските пристапи кон Тајван. Заедно, маневрите беа демонстрација на способноста на Пекинг да координира цивилна и воена моќ.
















