Американците се обидуваат да ги уништат подземните бункери за оружје на Иран

Макфакс

19/03/2026

13:14

208

Големина на фонт

а а а

И покрај тоа што американските сили погодија околу 8.000 цели, иранските ракети и беспилотни летала продолжуваат да напаѓаат соседни земји, анализира Би-Би-Си.

Бидејќи Иран нема значајни воздушни или поморски сили, тој се потпира на ракети и беспилотни летала како клучен дел од својата воена стратегија, поради што се стреми да ги заштити на секој можен начин. Благодарение на географијата на земјата и децениското планирање, голем дел од тоа оружје се наоѓа длабоко под земја или е закопано во планински масиви.

Поради таквиот распоред на целите, нивното уништување е исклучително тешко, па затоа се користат специјални бомби за пробивање на утврдени згради, таканаречени „бункер-разбивачи“. Меѓу нив е и бомбата GBU-72 Advanced Penetrator со тежина од околу 2.270 килограми, која беше употребена во нападите оваа недела. Овој вид оружје продира во земјата и експлодира дури откако ќе достигне подземна цел.

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, минатиот петок изјави дека капацитетот за производство на балистички ракети на Иран е „функционално поразен и уништен“, вклучувајќи фабрики, комплекси и производствени линии низ целата земја.

Сепак, иако производството е сериозно погодено, постојните залихи на ракети очигледно сè уште се користат во напади. Поради ова, САД и Израел сега се фокусираат и на уништување на мобилни лансери, користејќи разузнавање и прецизно воздушно водење за да ги лоцираат и уништат.

Слични тактики беа користени за време на Заливската војна во 1991 година против Ирак, кога американските борбени авиони бараа и ги уништија ракетите „Scud“ на Садам Хусеин кои му се закануваа на Израел. Овие операции, познати како „Лов на Scud“, повторно се користат во тековниот конфликт.