Како што предупредува Џеси Иншоспе, биохемичарка и авторка на популарни истражувања за гликемија, изборот на млеко за кафе има клучно значење за нашето здравје.
Во текстот објавен во „Ауфеминин“ предупредила на уште еден од моментално најпопуларните додатоци за кафе – овесното млеко.
„Овесното млеко е всушност само сок од скроб. Тоа е вистински кошмар за вашето ниво на шеќер во крвта“, истакнала биохемичарката.
Овесното млеко „под лупа“: Зошто толку нагло го зголемува нивото на шеќер?
Овесно млеко се прави од овесни снегулки кои се богати со скроб. За време на дигестијата, тој скроб се претвора во гликоза – особено брзо ако напитокот содржи малку влакна, протеини и масти. Гликемискиот индекс на овесното млеко изнесува од 60 до 70, што е значително повеќе од кравјото млеко. Нутриционистите истакнуваат дека една шолја овесно млеко може да биде еквивалент на неколку рибанки (кришки) бел леб според количеството на јаглехидрати.

Големо кафе со овесно млеко, испиено на „празен стомак“ претставува комбинација од кофеин и шеќер кој брзо стигнува во крвотокот. Резултатот? Најпрво нагол скок на шеќерот, а по еден или два часа поеднакво брз пад, што доведува до замор, проблеми со концентрација и силна желба за грицки. За лицата чувствителни на инсулин, тоа може да биде секојдневна замка.
Оризово, кравјо или бадемово – кое млеко да одберете?
Меѓутоа не е само овесното млеко проблематично. Оризовото млеко, кое е исто така богато со скроб, има уште повисок гликемиски индекс, од 79 до 85. Неговата природна сладост може да биде примамлива, но за стабилно ниво на шеќер, тоа е еден од најлошите избори.

Од друга страна кравјото млеко е значително подобро. Неговиот гликемиски индекс изнесува околу 27-37, благодарение на содржината на протеини и масти. Уште подобар избор е незасладеното растително млеко, како што е бадемовото или кокосовото млеко, чиј гликемиски индекс е околу 30, а содржината на јаглехидрати е минимална.
Како да пиете кафе без да го нарушите нивото на шеќер?
Љубителите на овесно млеко не мора целосно да го исфрлат, но умереноста е клучна. Мала количина во еспресо нема да има ист ефект како големо „лате“. Исто така, се препорачува прво да консумирате појадок богат со растителни влакна и протеини, како што е леб од полнозрнести житарки со јајца или јогурт со семки, за да го намалите скокот на шеќер.

Корисно е да избирате производи „без додаден шеќер“ и внимателно да ги читате декларациите, особено количината на јаглехидрати на 100 мл и ставката „вклучувајќи шеќери“. Експертите советуваат и пиење чаша вода со малку јаболков оцет пред слатко кафе, како и кратка прошетка по кафето. Сепак, најважните фактори се – видот на млеко, количината и времето кога го пиете кафето.












