Поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, остро го критикуваше сегашното раководство на блокот, вклучувајќи ја поранешната шефица, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и неговата наследничка, Каја Калас, затоа што, според него, Брисел не се залагал доволно за меѓународното право во случајот со Иран.
Борел е последниот од шпанските социјалистички сојузници на фон дер Лајен кој истакнува дека ЕУ не направила доволно за да го почитува меѓународното право по војната на САД против Иран, која е „нелегална и не е оправдана со непосредна закана, како што тврдат некои“.
Тој го пофали пристапот на шпанскиот премиер Педро Санчез, најжестокиот критичар на нападите на Трамп врз Иран во Европа.
„Таа војна е нелегална според меѓународното право. Ние ги трпиме последиците во форма на цените на енергијата, додека американскиот претседател Доналд Трамп се фали дека е добро за САД затоа што се извозник на нафта“, изјави Борел, кој сега е претседател на Центарот за меѓународни работи од Барселона, за бриселскиот портал „Политико“.
Тој оцени дека Фон дер Лајен „продолжила да ги надминува своите функции“ со зголемување на ангажманот во надворешната политика на ЕУ, што е критика што шефицата на Комисијата ја слушна во последните денови и од главните градови на ЕУ.
„Таа е систематски пристрасна кон САД и Израел“, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ за време на првиот мандат на Фон дер Лајен во писмени одговори за „Политико“.
За неговата наследничка, Каја Калас, тој рече дека „таа треба да биде појасна во осудата на кршењето на меѓународното право, без оглед дали е извршено од Русија, Израел или САД“, бидејќи ЕУ губи кредибилитет кога селективно ги користи меѓународните норми.
Борел, исто така, повика на суспензија на трговскиот договор потпишан од Фон дер Лајен и Трамп затоа што бил „неправеден од самиот почеток“.
Според него, тој договор изгледа уште поедностран во контекст на Стратегијата за национална безбедност на САД, заканите на Трамп кон Гренланд и Шпанија, како и во условите на енергетската криза поради војната со Иран.
„Покрај тоа, Врховниот суд на САД ги прогласи тарифите за неуставни, а не мислам дека новиот од 15 проценти е правно исправен“, рече Борел.
Кога станува збор за ветото на Унгарија и Словачка и блокираните 90 милијарди евра за Украина, Борел рече дека владите на тие две земји „отворено го прекршиле принципот на искрена соработка, кој е дел од Договорот (ЕУ)“.
„Тоа е прашање за судот. Другите 25 земји-членки би можеле да обезбедат премостувачки заем додека не се одобри заемот од ЕУ“, рече Борел












