[ВИДЕО] Се преселила во „најбезбедната земја на светот“ и по 7 месеци „побегнала“ од неа

Точка

10/03/2026

12:46

1.024

Големина на фонт

а а а

27-годишната ветеринарна техничарка Хана Хамар го споделила своето искуство за живот во земја која често се нарекува „најбезбедна во светот“.

По раскинувањето на врската и отпуштањето од работа, ги собрала сите свои работи и од Австралија се преселила на Исланд, но по само седум месеци се врати дома поради низа неочекувани причини.

Пребарување на семејните корени на Исланд

Одлуката за преселување ја донела откако Исланд, според Глобалниот индекс на мир за 2025 година, повторно беше прогласен за најмирна земја во светот. Таа титула ја држи веќе со години, а е на врвот поради високото ниво на безбедност, отсуството на внатрешни конфликти и ниската милитаризација.

Хана на својот YouTube канал раскажала дека почувствувала „потреба“ да се пресели и да ги истражи корените на својата мајка. „Мојата мајка е од Исланд, а во Австралија се преселила дури во своите триесетти години“, рекла таа.

„Мојата мајка го познава отприлика половина Исланд. Ако нешто знаете за таа земја, тогаш знаете дека станува збор за многу мало место со околу 300.000 жители. Тоа е навистина мало. На улица сретнував Исланѓани кои ја познаваат мојата мајка.“ Благодарение на семејните врски, работа обезбедила уште пред да пристигне.

„Времето на Исланд не простува“

Иако Исланд го опишала како „неверојатна“ земја, каде, меѓу другото, се качувала на активен вулкан, некои аспекти од животот таму сепак ја изненадиле. За седум месеци доживеала и лето и зима, а особено предупредила на портокаловите и црвените временски предупредувања, кои жителите ги сфаќаат многу сериозно. Црвеното предупредување е највисоко ниво и означува екстремни услови кои можат да бидат опасни.

„На Исланд мора да се биде многу внимателен за да останете безбедни и не смее да се вози кога времето тоа не дозволува, затоа што времето таму не простува“, рекла таа. „За тие седум месеци доживеав неколку портокалови предупредувања.“ Еднаш летала за време на такво предупредување, што го опишала како „најстрашното искуство“ во животот.

Борба со несоница и осаменост

Сепак, главната причина поради која на крајот заминала биле проблемите со спиењето за време на мрачните исландски зимски месеци, кога дневната светлина речиси и да не постои. „Да бидам сосема искрена, најголемата причина поради која резервирав лет и одлучив да се вратам дома беше спиењето. Не се справував добро со несоницата и немав многу луѓе околу себе кои би ми помогнале да одржам некаков ритам“, објаснила таа.

„Се чувствував многу осамено во земја во која немав свој круг пријатели ниту блиска фамилија. Покрај тоа, поради многу лошиот сон, чувствував дека сето тоа ме крши психички. Бев толку недоспана што едвај се терав да одам на работа, а во темнината многу тешко е да останеш позитивен кога не си спиел“, додала таа.


Културолошки шок и високи цени

Како најголем културолошки шок, Хана ја издвојува разликата во отвореноста на луѓето споредено со Австралија. „Верувам дека, кога ќе ги запознаете, се меѓу најљубезните луѓе што ќе ги сретнете, но тешко е да се допре до нив“, рекла. „Веќе сам по себе, културолошки шок ми беше тоа што луѓето не велат ‘здраво’ додека одат по улица. Не се толку отворено срдечни како во Австралија.“

Друг голем предизвик биле трошоците за живот. Според нејзините зборови, цените на намирниците понекогаш биле и трипати повисоки отколку во Австралија. „Поголемиот дел од времето живеев од најевтиното месо и навистина нездрава, преработена храна. Не ми се чинеше дека можам да си дозволам овошје и зеленчук. Ако не сте богати, јадењето во ресторани всушност не е опција“, додала.

Поинаква култура на запознавање

Јутјуберката забележала дека културата на запознавање на Исланд е многу поопуштена отколку во Австралија. „На почеток сите се пријатели, можеби ќе спиеме заедно по излегување или нешто слично, а потоа, ако си се допаднеме, можеби почнуваме посериозно да се запознаваме“, објаснила таа. „Не се оди прво на класично запознавање па потоа натаму. Разговарав со многу луѓе кои живеат на Исланд и велат дека тоа навистина така е.“