Германска политичарка ќе ја избричи главата по дебаклот на изборите

Точка

10/03/2026

12:18

537

Големина на фонт

а а а

Генералната секретарка на германските либерали (ФДП) е подготвена да ја избричи главата по лошиот резултат на партијата на изборите во југозападната покраина Баден-Виртемберг во неделата.

Никол Битнер во понеделник за весникот „Рајнише пост“ изјавила дека ќе го исполни своето ветување да ја избричи главата ако партијата не го помине прагот од пет проценти потребен за влез во покраинскиот парламент во Штутгарт.

Прелиминарните резултати објавени од изборната комисија покажаа дека ФДП падна на шестото место со 4,4 отсто од гласовите, пренесе ДПА.


„Либералите остануваат верни на својот збор, дури и во пораз“, рече Битнер. „Јас ги исполнувам моите ветувања еднакво решително како што претставуваме антитеза на стагнација и песимизам“, додаде таа.

Меѓутоа Битнер не кажа кога ќе се потстрижи.

Некогаш постојан коалициски партнер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Социјалдемократите (СПД) во Берлин, ФДП се соочува со егзистенцијална криза бидејќи не успеа да го помине прагот од пет проценти на минатогодишните национални избори.


Партијата блиска до деловниот свет последен пат беше дел од несреќната тричлена коалиција на поранешниот канцелар Олаф Шолц помеѓу 2021 и крајот на 2024 година.

Во есен 2024 година, Шолц го разреши тогашниот лидер на ФДП, Кристијан Линднер од позицијата министер за финансии, што го отвори патот за предвремени избори во февруари минатата година.

Носителот на либералната листа на изборите во Баден-Виртемберг веќе ја објави својата оставка по лошиот резултат.