Орбан ги ограничува цените на горивата

Макфакс

09/03/2026

18:09

434

Големина на фонт

а а а

Унгарската влада повторно воведува ограничување на цените на горивата, соопшти премиерот Виктор Орбан.

Во објава на Фејсбук, Орбан наведе дека владата на седница одлучила да воведе „заштитена цена“ за бензинот и дизелот, бидејќи, како што рече, „поради иранската војна и украинската нафтена блокада, и Унгарија за жал е погодена од меѓународната експлозија на цените“.

Според порталот Телекc, малопродажните цени на горивата нема да смеат да го надминат утврдениот лимит.

Ограничени цени на 1,51 евро за бензин и 1,56 евро за дизел

Новите цени ќе изнесуваат 595 форинти (1,51 евро) за бензин и 615 форинти (1,56 евро) за дизел. Ограничувањето ќе стапи во сила на полноќ меѓу понеделник и вторник.

Орбан најави и ослободување на државните резерви со цел да се обезбеди стабилно снабдување со гориво.

„Заштитената цена“, односно ограничувањето, ќе важи исклучиво за возила со унгарски регистарски таблички и сообраќајна дозвола. Мерката ги опфаќа приватните лица, земјоделците, превозниците и претприемачите.

Утрово нагло пораснаа цените на нафтата поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и стравот од долготрајно прекинување на испораките преку Ормутскиот теснец.

Блокадата на теснецот загрозува најмалку 20 проценти од светското снабдување со нафта и природен гас, што предизвикува глобални нарушувања на пазарот.

Водечките земји во регионот, како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Кувајт и Иран, го намалија или целосно го запреа производството на некои нафтени полиња бидејќи суровата нафта се натрупува во складиштата кои се речиси полни.

Министрите за финансии на земјите од Г7 и директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) денеска одржаа состанок за да разгледаат начини за намалување на цените на нафтата.

Според планот, земјите членки ќе ослободат значителен дел од своите стратешки резерви – околу 300 до 400 милиони барели од вкупно 1,2 милијарди – за да ја ублажат кризата.

Орбан утрово во видео-порака порача дека во Унгарија мора да се спречи цените на дизелот и бензинот да достигнат неподносливо ниво, поради што свикал вонредна седница на владата.

Тој исто така изјави дека „во цела Европа треба да се преиспитаат и укинат сите санкции воведени за руските енергенси“ и дека за тоа испратил писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Можноста повторно да се ограничат цените на бензинот Орбан првпат ја спомена минатата недела во редовното радио-интервју.

„Таква ситуација веќе имавме во 2022 година. Би сакал тоа да се избегне, но ако не може – тогаш не може“, рече тогаш премиерот.

Унгарскиот пазар на горива во голема мера зависи од увоз, особено кога станува збор за дизелот, каде што увозот сочинува околу 30 проценти од потрошувачката дури и во нормални услови.

За континуиран увоз потребни се пазарни цени, бидејќи во спротивно трговците немаат интерес да доставуваат гориво.

За време на претходното ограничување на цените, увозот речиси запре, што заедно со зголемената побарувачка од странски превозници и возачи од пограничните региони доведе до долги редици и недостиг на гориво на бензинските пумпи.