Војната со Иран ја тресе германската економија: бензинот до 2,5 евра, расте ризикот од нова инфлација, пренесе Дојче Веле

Макфакс

09/03/2026

18:07

273

Големина на фонт

а а а

Германската економија се соочува со сериозни предизвици поради војната со Иран и растот на цените на енергенсите, откако Иран практично го затвори Ормутскиот теснец – клучен поморски премин во Персискиот Залив преку кој се транспортира околу 20 проценти од светската нафта, пренесе Дојче Веле.

По нападите на САД и Израел врз Иран, Техеран возврати со напади врз воени и цивилни цели во соседните земји, што доведе до нагло зголемување на цената на нафтата на светските пазари.

Овој раст веднаш се почувствува и на германските бензински пумпи. Во зависност од регионот, цената на литар бензин достигнува и до 2,50 евра, додека просечната цена на дизелот моментално е нешто над два евра, што е за 30 до 40 центи повеќе отколку пред нападите врз Иран.

Уште поголем скок е забележан кај цената на гасот, откако Иран со дронови нападна постројки за течен природен гас (ЛНГ) во Катар и го запре производството. Иако Германија не увезува директно ЛНГ од Катар и се потпира на различни извори, како норвешките гасоводи, цените на европскиот пазар се одредуваат според глобалната понуда и побарувачка.

Растот на цените на енергенсите не ги погодува само домаќинствата, туку и индустријата, која се соочува со значително повисоки трошоци за производство. Особено се погодени енергетски интензивните сектори како хемиската индустрија, производството на челик, стакло и хартија, но и автомобилската индустрија и машиноградбата.

Шок за владата на Мерц

Војната со Иран повторно ја покажува ранливоста на високоиндустријализираните економии во услови на глобални кризи. Вероника Грим, член на советот економски експерти што ја советува германската влада, предупреди на растечки ризик од инфлација и поголема неизвесност за инвестициите.

„Мораме да се подготвиме за подолг период на зголемена неизвесност“, изјави таа за германската медиумска мрежа РедакционсНетцверк Дојчланд (РНД).

Во германската политика веќе е вклучен алармот. Коалицијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД е на власт десет месеци, а канцеларот Фридрих Мерц вети дека оживувањето на економијата ќе биде негов главен приоритет. Сепак, очекуваното закрепнување сè уште не се случило, а скромниот раст од почетокот на годината би можел да биде поништен поради војната со Иран.

Цените на енергенсите во Германија веќе значително пораснаа по руската инвазија врз Украина, а новиот раст на цените, нарушените глобални синџири на снабдување и зголемената неизвесност дополнително ја притискаат економијата.

Грим смета дека Европа мора да ја направи својата енергетска снабденост поотпорна преку диверзификација на синџирите на снабдување, полни складишта на гас, координирана европска набавка и забрзано градење сопствени енергетски капацитети.

Иако ваквите мерки се предлагаат уште од прекинот на руските испораки на гас пред четири години, нивната реализација се одвива бавно. По исклучително студената зима, складиштата за гас во Германија се речиси празни.

Проблеми и во транспортот

Освен енергетската криза, војната со Иран создава проблеми и во транспортниот сектор. Германските бродски компании се принудени да го заобиколуваат Персискиот Залив, што ги забавува глобалните синџири на снабдување и ја загрозува сигурноста на испораките.

Воедно растат и премиите за осигурување на поморскиот транспорт, како и трошоците за гориво.

Делумно е затворен и воздушниот простор над земјите од Заливот, па авиокомпаниите мора значително да ги менуваат рутите на летовите. Тоа не само што ги продолжува патувањата, туку и ги зголемува трошоците за керозин.

Ризик од нова инфлација

Со секој нов раст на цените на енергенсите се зголемува и ризикот од нов бран инфлација. Компаниите се принудени повисоките трошоци да ги префрлат на потрошувачите преку повисоки цени на производите, што веќе се случи за време на енергетската криза во 2022 година.

Ако трошоците за живот растат, куповната моќ на граѓаните се намалува, што негативно влијае врз домашната потрошувачка. Истовремено, Германија станува помалку конкурентна на меѓународните пазари, бидејќи нејзините производи стануваат поскапи – што претставува сериозен проблем за извозно ориентираната економија.

Иако властите се свесни за ризиците, реакцијата засега е внимателна. Министерката за економија и енергетика Катарина Рајхе формираше работна група која секојдневно ја анализира ситуацијата и подготвува можни мерки.

„Постојано ја проценуваме и ја следиме ситуацијата“, изјави владиниот портпарол Штефен Мајер.

Критики за енергетската политика

Федералната влада засега одбива директно да интервенира во цените на горивата, делумно и поради тоа што краткотрајниот попуст за горивата во 2022 година имаше ограничен ефект.

Во меѓувреме, Канцеларијата за заштита на конкуренцијата треба да провери дали нафтените компании ја користат кризата за неоправдано зголемување на цените.

Факт е дека државата значително профитира од високите цени на горивата – речиси половина од цената што ја плаќаат возачите на бензинските пумпи оди во државниот буџет преку различни даноци.

Лобистички организации, како автомобилскиот клуб „Мобил ин Дојчланд“, веќе ја обвинија владата дека „го полни буџетот на сметка на возачите“.

Во меѓувреме, еколошките и потрошувачките организации ја критикуваат владата дека го забавува развојот на обновливите извори на енергија, тврдејќи дека законите ја отежнуваат изградбата на ветерни и соларни електрани, што ја прави Германија помалку отпорна на глобални кризи, пренесе Дојче Веле.