Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изврши увид во градежните активности на новата полициска станица во општина Аеродром.
„Континуирано инвестираме во подобрување на условите за работа на полициските службеници и во модернизација на услугите што ги добиваат граѓаните. Новата полициска станица во Аеродром ќе биде современ објект кој ќе обезбеди подобра организација на работата, повисоко ниво на безбедност и поквалитетна услуга за граѓаните“, истакна министерот Тошковски при увидот.
Тој додаде дека објектот се очекува целосно да биде завршен до крајот на мај.
Новата полициска станица е проектирана со главен влез за граѓаните од страната на булеварот, со цел полесен и попрактичен пристап, како и дополнителен влез на задната страна за службени потреби. Објектот располага со 36 паркинг места и целосно уредена атмосферска и фекална канализација, а гасоводните инсталации се заштитени според највисоки безбедносни стандарди.
Фасадата на објектот е речиси целосно завршена, а предвидени се три главни влезови – за управните служби, за полициските служби и посебен притворски влез. Внатрешноста на објектот е опремена со современи простории за работа, вклучително и посебно опремени простории за работа со деца – жртви на насилство, изолирана оружарница, модерни сали за состаноци на секој кат, магацински простории, како и единаесет простории за задржување со специјални безбедносни врати и прозорци.
Во објектот е предвидена и посебна просторија за препознавање, а инсталирано е и подно греење. Електричните инсталации и цевководите се веќе завршени, додека во тек е финалната фаза на поставување на подовите и системот за греење.








