Велика Британија со резерви на гас за само два дена, расте стравот од енергетска криза

Макфакс

08/03/2026

19:01

3.345

Големина на фонт

а а а

Велика Британија се соочува со можност од гасна криза, откако резервите паднале на ниво доволно за само ден и пол до два дена потрошувачка, пишува „Телеграф“.

Според податоците на операторот „Нешнл гас“, резервите се намалиле од околу 18.000 гигават-часови минатата година на околу 6.700 гигават-часови, што е доволно за многу краток период. За разлика од Британија, во останатиот дел од Европа има резерви за неколку недели.

Поради малите резерви, Велика Британија моментално плаќа највисоки велепродажни цени на гас во Европа, бидејќи мора да нуди повисоки цени за да обезбеди снабдување.

Експертите предупредуваат дека кризата на Блискиот Исток може дополнително да ги зголеми цените на енергенсите. Според „Голдман Сакс“, цената на нафтата може да надмине 100 долари за барел доколку конфликтот не се смири.

Економисти предупредуваат дека британските домаќинства би можеле да бидат погодени од повеќе страни – повисоки сметки за енергија, потенцијално повисоки каматни стапки и поскапување на стоки и услуги.

Проблемот е и во ограничените складишни капацитети, кои денес изнесуваат само околу 18 проценти од поранешното ниво. Затоа Британија се потпира на увоз на течен природен гас, главно од САД, како и на гас од Норвешка.

Операторот „Нешнл гас“ предупреди дека за стабилна енергетска сигурност на земјата ќе ѝ бидат потребни нови складишта за гас, особено поради падот на производството во Северното Море. Британското Министерство за енергетска безбедност соопшти дека верува дека снабдувањето е сигурно и дека се работи на зајакнување на системот.