Директна порака до владејачката партија: Ветивте на народот враќање на името. Ветивте на народот дека ќе го поништите Преспанскиот договор. Нас нè обвинивте дека сме предавници. Но, еве веќе втора година сте на власт и никаков потег немате во тој правец, истакна на прес-конференција Андреј Жерновски – член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Зошто сега не го смените името? Зошто сега не го направите тој чекор? Излезете и покренете иницијатива во Собранието. Вие знаете тоа многу лесно да го направите, во еден ден – исто како што го сторивте со декретот за забрана на говор.
Но кажете ѝ тогаш и на меѓународната заедница, на Европската Унија и на НАТО и кажете му на народот, додека летаат ракети кон Европа, дека Македонија нема да биде во НАТО, дека нема кој да нè брани и дека ќе бидеме сами.
Кажете отворено дека повторно ќе бидеме БЈРМ, дека повторно ќе бидеме ФИРОМ. Ајде, de facto и de jure, меки ткива, мекотели.
Нели за тоа ја баравте довербата од граѓаните. Нели тоа ви беше главното ветување пред гласачите“.
Продолжете до крај, вели Жерновски, со изолацијата во која ја туркате земјата.
„Така многу полесно ќе можете да терате тендери, ќе си го заокружите целиот процес што сте го започнале.
Така полесно ќе можете да го вратите Груевски, кога веќе работите во тој правец.
Имате 58 пратеника, ги имате ЗНАМ, ги имате ВЛЕН, а богами, после лидерската средба ги имате и ДУИ ги имате, и Левица. Што ве спречува да го направите овој потег?
Се имате“.
Закажете Собрание, вели Жерновски во пораката до Мицкоски.
„На народот кажете му да купи прачки, па со тоа да ги гаѓа авионите и ракетите кои, недај Боже, би дошле во правец на Европа.
Тамам ќе добиете сигурно поддршка и од Русите и од Вучиќ, бидејќи и така и така работите во нивен интерес. Потоа, многу полесно ќе можете да криумчарите пет тони дрога – никој нема да ве спречи.
Ајде, патриоти. Ајде, комити. Зошто не го направите овој потег“.











