Педро Санчез, премиерот на Шпанија е еден од европските политичари за кои најмногу се зборува во последните денови, откако во своите јавни обраќања истапи спротивно на желбите на Доналд Трамп, еден од најмоќните луѓе на планетата.
Имено Санчез одби Шпанија да ја „вовлече во војна“ против Иран, со што привлече големо внимание и многу поддржувачи на социјалните мрежи, а како и секогаш кога шпанскиот премиер ќе се најде во центарот на вниманието, можат да се прочитаат и коментари на воодушевување од неговиот изглед.
Санчез, откако застана на чело на Владата на Шпанија, важи за еден од најатрактивните политичари на Стариот континент, а овој роден Мадриѓанец е човек со многу интересна биографија.

Во тинејџерските години се занимавал со брејкденс, некое време живеел во Даблин за да го усоврши англискиот јазик, а бил и добар кошаркар во клубот Естудијантес, каде што стигнал до тимот до 21 година.
Многу млад, на 21 година, се зачленил во Шпанската социјалистичка работничка партија, по изборната победа на Фелипе Гонзалес. Во меѓувреме ги завршил студиите, а потоа се преселил во Њујорк, каде што работел во една консултантска компанија.

Кон крајот на деведесеттите се преселил во Брисел, како дел од делегацијата на неговата партија во Европскиот парламент. Некое време бил и дел од тимот на високиот претставник за Босна и Херцеговина, Карлос Вестендорп, а во меѓувреме успеал да ги заврши и студиите по политика и економија во Брисел, како и бизнис-студии во Навара.

Во меѓувреме и докторирал економија и предавал на факултет во Шпанија.
На функцијата премиер е од 2018 година, а во 2021 година доби уште еден мандат.
Сопругата на Педро Санчез била во голем проблем
Шпанскиот премиер од 2006 година е во брак со Бегоња Гомез, деловна-жена со која има две ќерки, Карлота и Аиноа. Парот го кажал судбоносното „да“ на хиподром, а улогата на матичарка ја имала нивната пријателка и политичарка Тринидад Хименез.

Меѓутоа сопругата на Санчез во 2024 година се нашла во центарот на голем скандал, поради кој неговата политичка кариера била загрозена.
Во април истата година била започната судска истрага против Гомез поради наводни обвиненија за трговија со влијание, за кои детали изнел синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце). Санчез тогаш истакнал дека размислувал за оставка поради нападите од десничарските медиуми, а неколку медиуми забележале дека обвиненијата против сопругата на премиерот се темелат на новински наслови и лажни вести.

Потоа „elDiario.es“, „El País“ и „La Vanguardia“ со заедничка истрага откриле заговор на Народната партија за шпионирање и пласирање информации за роднините на Санчез и Гомез со цел политички да го „убијат“, користејќи го Лимпијас за поднесување кривични пријави.
Само неколку дена подоцна, илјадници луѓе се собрале во Мадрид за да го убедат премиерот да не поднесе оставка, а тој објавил дека нема да го направи тоа и покрај „операцијата на вознемирување и малтретирање“ и дека како премиер „ќе се бори уште посилно“.

Во рамки на истрагата се разгледувало дали Бегоња го користела својот статус како сопруга на премиер за да обезбеди спонзори за универзитетски мастер-курс што го водела, по што била започната постапка.
Таа не била обвинета за ниту едно кривично дело, а пред судот ги негирала сите обвинувања.

„Мојата клиентка сведочеше, како што сакаше уште од самиот почеток, бидејќи нема што да крие. Ако не сведочеше порано, тоа е затоа што не беше јасно дефинирано што се истражува“ им рекол на новинарите нејзиниот адвокат Антонио Камачо.















