Цветановски: СДСМ нема да молчи, оставка од Тошковски поради загубените животи

Макфакс

05/03/2026

13:51

133

Големина на фонт

а а а

Трагедијата во скопската населба Карпош, во која згаснаа животи на мајка и дете ги покажа сите сериозни пропусти на МВР. МВР на Тошковски потфрли. Две години постојано имало пријави за семејно, физичко и психичко насилство, вели Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Како што кажа, вкупно 12 пријави имало за сторителот, кој имал и други обвиненија и кривични пријави, а во последниот случај кај него била пронајдена и дрога.

„МВР било алармирано, постоеле пријави, имало сознанија и индиции за сериозен ризик. Но со несоодветна и ненавремена реакција не ги заштитиле жртвите.

А со измените на Кривичниот законик, насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност – дури и кога пријавата е повлечена.

Не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушува здравјето и безбедноста на жртвата. Значи полицијата морарла да постапи“.

Дополнително, додаде дека МВР е обврзано да постапува и согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Да делувале, да бил приведен, вели таа, трагедијата можела да биде избегната.

„Само пред неколку месеци во Велес млада жена беше убиена заедно со нејзиниот татко, иако претходно пријавувала насилство. И тогаш МВР не реагираше навреме. МВР потфрли и во случајот со серискиот убиец во Старо Нагоричане. 5 жртви, исклучиво жени. МВР две години ги игнорирала пријавите на жителите дека сторителот се прикрадува во двовори и демне. Прично, жртвите биле третирани како „природна смрт“, не била правена обдукција, немало истрага. Дури откако обвинителството побарала ексхумација овозможува отворање на истрага за убиства“.

Според неа, ова зборува за сериозни потфрлања на МВР кое го води Панче Тошковски.

Проблемот, како што нагласи, почнува од врвот. „Додека други молчат – СДСМ нема да молчи. Оставка“.