Стабилна и мирна е безбедносната состојба по воените дејствија на Блискиот Исток, уверува премиерот Христијан Мицкоски, но смета дека се можни економски предизвици во иднина. На седницата на Советот за безбедност организирана од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, премиерот вели дека направиле анализа врз основа на информациите што ги добиле од службите и од министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
„Врз основа на тие податоци, во овој момент можам да кажам и да ги информирам граѓаните дека состојбата безбедносно е стабилна. Можеби со тек на време ќе имаме одредени економски предизвици, тука повеќе мислам на притисок врз цената на енергенсите, на нафтата и гасот, повеќе на нафтата бидејќи ние немаме премногу голема зависност во делот на гасот. Полека завршува и грејната сезона, а и македонската индустрија нема прилично развиена мрежа во делот на гасот. Можеби во делот на нафтената индустрија ќе имаме одредени притисоци, ќе треба да се зголемува цената но и тука разгледуваме со Министерството за финансии да намалиме во делот на акцизата, да намалиме во делот на даноците, да видиме кои се нашите можности за да го намалиме ударот врз стандардот на граѓаните“, рече денес премиерот Мицкоски при посетата на компанијата „Актива“ во Штип.

Тој извести дека во завршна фаза се преговорите за превоз на македонските граѓани од Блискиот Исток кои сакаат да се врата дома. Денес почнува нивната евакуација, а државата ќе обезбеди се што е потребно за безбедно да стигнат дома.
Блискиот Исток е небезбеден по воената офанзива на САД и Израел против Иран која почна на 28 февруари 2026 година со масовни воздушни и ракетни удари врз цели во Техеран и други делови на земјата. Иран возврати со напади врз Израел и врз американски бази во Бахреин, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Ирак.








