Продолжува хаосот во авиосообраќајот: Откажани илјада летови, приватен лет од Ријад кон Европа чини 350.000 долари

Точка

02/03/2026

17:25

943

Големина на фонт

а а а

Стотици летови беа откажани и во понеделникот поради хаосот во глобалниот воздушен сообраќај, предизвикан од војната на САД и Израел против Иран.

Илјадници патници останаа заробени на аеродромите ширум светот, додека водечките авиокомпании се под сè поголем притисок поради повеќедневните нарушувања. Влијанието на кризата на Блискиот Исток се прошири далеку надвор од регионот, а патници останаа блокирани од Бали до Франкфурт.

Ситуацијата дополнително ја комплицира проширувањето на конфликтот кон Либан, по израелските воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека американската воена акција би можела да трае уште четири недели, што дополнително ја зголемува неизвесноста во авијацискиот сектор. Големите аеродроми на Блискиот Исток, вклучително и Дубаи – најпрометниот меѓународен јазол на светот – се затворени трет ден по ред, во најтешкиот шок за авиоиндустријата од пандемијата на коронавирусот.


Според податоците на платформата за следење летови „FlightAware“, рано во понеделникот биле откажани 1.239 летови. Во саботата биле откажани речиси 2.800 летови, а во неделата 3.156.

Најголеми нарушувања се забележани кај превозниците со седиште во Заливот. „Emirates Airlines“ ги откажа сите планирани летови до и од Дубаи до 15 часот по локално време. „Etihad Airways“ ги прекина операциите до и од Абу Даби до 14 часот, додека „Qatar Airways“ ги запре летовите поради затворањето на катарскиот воздушен простор.

И други превозници презедоа мерки. „Air India“ во неделата ги откажа летовите од Делхи, Мумбаи и Амритсар кон поголемите европски и северноамерикански градови.

Воздушниот простор над Иран, Ирак, Кувајт, Израел, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Катар беше практично празен, покажуваат податоците на сервисот „Flightradar24“.


Додека повеќето патници се соочуваат со неизвесност и долги чекања, најбогатите пронајдоа алтернатива. Според наводите на компанијата за приватни авиони „Vimana Private“, цената на приватен лет од Ријад кон Европа достигнува и до 350.000 долари, а Саудиска Арабија во моментов се наметнува како единствена реална опција за итно напуштање на регионот.

Кризата силно се одрази и на берзите. Акциите на „Japan Airlines“ паднаа за 5,6 отсто, на „Singapore Airlines“ за 4,5 отсто, на „Qantas Airways“ за 5,4 отсто, додека „Cathay Pacific“ забележа пад од 2,9 отсто.

Дополнителен притисок доаѓа и од енергетскиот пазар. Цената на „Brent“ сировата нафта скокна за дури 13 отсто, достигнувајќи 80 долари за барел, со проценки дека би можела да порасне и до 100 долари.