Наполи им се врати на победите во Серија А, а неочекуван херој во пресметката со Верона беше Ромелу Лукаку.
Лукаку долго време беше надвор од терените и полека се обидува да се врати во ритам што воопшто не е лесно и најдобар доказ за тоа е што сите натпревари на кои доби шанса, влезе од клупата за резерви.
Овојпат токму тој се покажа како вистински џокер и со голот во 96 минута донесе три бода за актуелниот италијански првак.
-Среќен сум за тимот, штета е што го примивме тој гол, но носиме три бода дома, -истакна Лукаку за кого ова беше емотивен момент по тешкиот период низ кој помина, поточно период во кој освен со повредата мораше да се носи и со смртта на неговиот татко.
-Ова беа тешки месеци, лично. Фудбалот ми даде толку многу, а губењето на татко ми на начинот на кој го загубив беше тешко да се поднесе. Продолжувам да работам за моите деца, за моите браќа и за Наполи, кој ми даде толку многу, -истакна напаѓачот кој на крајот порача:
-Бев мртов играч пред да дојдам тука. Оваа сезона е тешка, но мора да целиме високо, -заврши соиграчот на Елмас.






