Фил Колинс, „Оејзис“, Пинк и Шакира се меѓу музичките ѕвезди номинирани за влез во престижната Куќа на славните на рокенролот оваа година.
Вкупно 17 изведувачи се најдоа на списокот на кандидати за прием во оваа американска институција, која ги одликува највлијателните имиња во популарната музика, пишува Би-би-си.
Меѓу номинираните се и Џеф Бакли, Лорин Хил, Мараја Кери и „Ву-Танг Клан“. Правото на номинација се стекнува 25 години по објавувањето на првата комерцијална снимка. „Оејзис“ и Мараја Кери претходно биле номинирани, додека Пинк годинава првпат ги исполнува условите, 26 години по своето деби. Шакира, пак, би можела да стане една од ретките музичарки од Латинска Америка примени во ова друштво.
Фил Колинс (75) веќе беше примен во Куќата на славните во 2010 година како член на „Џенесис“, а сега е номиниран и за својата соло-кариера, која ги изнедри хитовите „In the Air Tonight“, „Against All Odds (Take A Look At Me Now)“ и „Easy Lover“. Во последниве години тој се соочува со сериозни здравствени проблеми и настапуваше седечки на последната турнеја. Неодамна изјави дека има постојана медицинска нега и дека би сакал повторно да снима музика, но не е сигурен дали повторно би тргнал на турнеја.
Номинацијата на „Ву-Танг Клан“ доаѓа по контроверзии околу вклучувањето на хип-хоп артисти во институцијата, откако некои рок-музичари јавно го оспорија нивното место таму. Од британските имиња, повторно се најдоа на листата Били Ајдол, „Ајрон Мејден“, „Џој Дивижн/Њу Ордер“ и Шаде.

Избраните имиња ќе бидат објавени во април, а свечената церемонија на прием ќе се одржи наесен во Кливленд, Охајо.












