Чипсот „Pringles“ предизвикува чувство на зависност. Се покажа дека недостатокот на контрола не е причината поради која многумина јадат големи количини од овој чипс, туку постои конкретна причина за тоа.
Хана Фрај, универзитетска професорка по математика и научна писателка се појави во неодамнешна епизода од поткастот „Table Manners“ со Џеси и Лени Вер, каде што зборуваше за зависноста што ја предизвикува „Pringles“, пренесува „Metro.co.uk“.
„Нашите тела се толку совршено усогласени со она што го јадеме низ буквално милиони години еволуција. Кога копнеете по нешто, ако помислите: ‘Баш ми се јаде чоколадо денес’, веројатно станува збор за некоја ситна молекула во чоколадото за која вашето тело знае дека му е потребна“, изјави таа.
Понатаму наведе дека кога храната ќе стигне до одредена точка во нашиот цревен систем, се ослободува хормон кој нѝ порачува дека сме сити.
„‘Pringles’ е толку преработен, како претходно да бил омекнат во лабораторија, а потоа повторно направен. Значи, она што се случува е кога ќе го изедете, тој буквално се распаѓа пред да стигне до делот од вашето тело кој го испраќа хормонот што ви вели: ‘Ви благодарам многу, сит сум’. Никогаш нема да се заситите од него“, раскажа Фрај.

Како што е наведено на официјалната веб-страница на „Pringles“, тој главно се прави од сушен компир, скроб, брашно, сол и зачини. Ова е уникатно, бидејќи чипсот обично се прави од исечен сиров компир, наместо од сушен. Затоа се смета дека „Pringles“ содржи 50 отсто помалку компир од обичниот чипс.
За да се направи, сушениот компир се обликува, а потоа се пржи и му се додаваат зачини.








