Вардар успеа да се врати од шест голови негатива и да оствари важна победа над Мелсунген во Европската лига на ЕХФ, а важна улога во пресвртот секако одиграа и верните навивачи на клубот.
Тимот на Иван Чупиќ ужасно го започна мечот против лидерот на табелата и имаше шест голови негатива во првиот дел, но во продолжение значително ја коригираше играта и успеа да дојде до голем пресврт.
Вардар на крајот ги победи Германците со 37:33 и запиша прва победа во втората фаза во европското натпреварување, па по последниот судиски свиреж, следеше и препознатливата фешта во „Јане Сандански“.
Играчите и стручниот штаб на Вардар славеа во ритамот на „Комити“, а целата глетка уште поспецифична ја направија гостите.
Ракометарите на Мелсунген останаа импресионирани од атмосферата во салата, па останаа на терен и срдечно ја поздравија прославата меѓу играчите на Вардар и навивачите на трибините.







