[ВИДЕО] „Убивте Американци“: Демократите го нападнаа Трамп за време на говорот

Макфакс

25/02/2026

09:05

196

Големина на фонт

а а а

Демократите во Претставничкиот дом главно се држеа до својот план да останат смирени и пркосно молчеливи за време на обраќањето на претседателот Доналд Трамп за состојбата на нацијата во вторникот. Но, таа стратегија пропадна штом Трамп почна да ги напаѓа имигрантите, предизвикувајќи жестока реакција од пратениците Илхан Омар и Рашида Тлаиб, кои почнаа да викаат кон претседателот, објави CNN.

Пратеничките Илхан Омар и Рашида Тлаиб постојано викаа кон Трамп, протестирајќи против неговиот опис на сомалиската заедница во Минесота како „пирати“ и обвинувајќи го дека ги предизвикува смртните случаи на американски граѓани со неговите строги имиграциски политики. Сето тоа кулминираше откако Трамп им рече на демократите во салата дека „треба да се засрамат“ што не станаа и не ја аплаудираа неговата изјава дека примарна должност на владата е „да ги заштити американските граѓани, а не нелегалните странци“.

„Убивте Американци“, постојано викаше Омар, која ја претставува Минесота. Потоа таа покажа со прст кон Трамп и додаде: „Треба да се срамите од себе“. Нејзиниот испад го натера Трамп да возврати обвинувајќи ги демократите за изборна измама, тврдејќи без докази дека „сакаат да измамат“.

„Тие измамија, а нивните политики се толку лоши што измамата е единствениот начин да бидат избрани“, рече тој, предизвикувајќи нов бран на негодување кај демократите. „Овие луѓе се луди. Ви кажувам, тие се луди“.

По говорот, претставниците на Трамп се фатија за испадите на Омар и Тлаиб, а министерот за транспорт Шон Дафи ги нарече „неверојано деструктивни“. „Дури и ако не се согласувате со Трамп, треба доволно да го почитувате за да го слушате“, изјави Дафи за CNN.

Во посебно интервју за CNN, демократската претставничка Ненси Пелоси го минимизираше инцидентот, велејќи дека бил „едвај забележлив во просторијата“. „Би рекла дека немало многу отстапување од она што нашето раководство ни го советуваше да го правиме“, рече поранешната претседателка на Претставничкиот дом.

Пред говорот, демократските лидери постојано ги предупредуваа своите членови да не реагираат на реториката на Трамп и да не го привлекуваат вниманието кон себе. Тие го правеа тоа за да избегнат повторување на минатата година, кога неколку демократи користеа знаци и други реквизити за да протестираат против претседателот.