[ВИДЕО] „Телма“ објави снимки од осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане: Се обидувал да влезе во куќа на постара жена

Точка

23/02/2026

17:27

1.472

Големина на фонт

а а а

Телевизија „Телма“ објави снимки од осомничениот за серија брутални убиства во кумановско, случај што ја потресе јавноста и отвори сомнежи за повеќе претходно нерешени смртни случаи. Станува збор за 25-годишник од околината на Старо Нагоричане, кој веќе е во притвор поради свирепо убиство на 78-годишна жена.

Видеото, кое трае околу две минути, е снимено од камери поставени на една куќа во близина на местото познато како Коински Мост. На снимката се гледа маж со јакна и качулка на главата како се обидува да ја отвори вратата од куќата, но таа е заклучена. Според изворите на „Телма“, во домот живеела сама повозрасна жена. Снимките се направени на 23 јануари годинава во 1 часот и 54 минути по полноќ.

Жители на Старо Нагоричане тврдат дека токму овие снимки биле пријавени во полиција, но не биле земени предвид бидејќи камерите биле поставени на приватен објект и не биле законски пријавени, па не можеле да се користат како доказ.

Случајот со можниот сериски убиец се отвори по апсењето на осомничениот за убиството на 78-годишната жена од Старо Нагоричане, која живеела сама. Според обвинителството, таа не починала од природна, туку од насилна смрт – била претепана и задушена со перници и ќебиња во периодот од крајот на јануари до 10 февруари, кога била пронајдена. Постојат индиции дека сторителот ѝ одзел дел од имотот.

Истрагата сега е проширена и се проверува дали истиот осомничен стои зад уште најмалку четири сомнителни смртни случаи. Според информации од истрагата, се преиспитуваат вкупно пет случаи – три од оваа година и два од минатата. За сите, освен за една жртва, заедничко е тоа што станува збор за повозрасни жени кои живееле сами, биле пронајдени мртви во своите домови и делумно соблечени или голи. Првично не била побарана обдукција бидејќи не биле утврдени јасни траги на насилство.

Една од жртвите била помлада жена на возраст од околу 35, чија смрт првично била прогласена за предозирање со алкохол. Таа веќе била погребана, но поради сомнежите, обвинителството побарало ексхумација и дополнителна обдукција.


Во Челопек, 86-годишна жена успеа да преживее брутален напад во својот дом. Напаѓачот влегол додека била сама, а избегал по случаен шум, оставајќи ја повредена и во крв. Таа сведочела дека ѝ фрлил ќебе преку главата и ја фатил за гуша.

Старо Нагоричане, Челопек, Драгоманце и Клечовце се местата каде што се случиле нападите, сите на релативно мала оддалеченост. Според мештаните, веќе подолго време кружеле сомнежи за 25-годишникот од селото Драгоманце, кој често со велосипед го обиколувал регионот. Дел од жителите тврдат дека се сомневале оти е можно да напаѓа и силува жени, но случаите не биле темелно истражувани.

Според жителите на околните села, осомничениот имал потешкотии со говорот и комуникацијата со околината. Од Центарот за социјални грижи информирале дека не бил регистриран како корисник на какво било право. Живеел со мајка и очув во многудетно семејство во селото Малотино, кое се наоѓа над Драгоманце, каде што биле пронајдени дел од жртвите.