Немесио Осегуера Сервантес, попознат како Ел Менчо, најбараниот човек во Мексико и водач на озлогласениот наркокартел Халиско Нова Генерација (CJNG), е убиен за време на безбедносна операција. Мексиканскиот министер за одбрана потврди дека Ел Менчо починал вчера од последици на тешки повреди здобиени во судири со војската, додека бил пренесуван во главниот град Сиудад де Мексико, пишува „BBC“.
Детали од операцијата и насилниот одговор на картелот
Во судирите во градот Тапалпа, во централно-западната држава Халиско, убиени се и четворица членови на картелот, додека тројца припадници на војската се ранети.
Операцијата била спроведена со разузнавачка помош од САД. Како одговор на убиството на својот водач, "CJNG" започна бран насилство во осум мексикански држави, палејќи автомобили, поставувајќи блокади на патиштата и напаѓајќи безбедносни сили.
Американскиот Стејт департмент издаде безбедносно предупредување за американските граѓани, советувајќи ги да останат во затворени простории во државите Халиско и Тамаулипас, како и во делови од Мичоакан, Гереро и Нуево Леон. Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум Пардо ги повика граѓаните на смиреност. „Во поголемиот дел од земјата активностите се одвиваат нормално“, порача преку социјалната мрежа „X“.

Кој беше Ел Менчо?
Ел Менчо, 59-годишен поранешен полицаец, создаде огромна криминална организација одговорна за шверц на големи количества кокаин, метамфетамин и фентанил во САД. Американската влада нудеше награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.
Мексиканското Министерство за одбрана соопшти дека операцијата ја „планирале и спровеле“ специјални единици со поддршка од воздухопловните сили и Националната гарда. За време на акцијата биле запленети повеќе оклопни возила и оружје, вклучително и ракетни фрлачи.
Ел Менчо, со вистинско име Немесио Осегера Сервантес, важи за еден од најмоќните и најпознати нарко-лидери во поновата историја на Мексико. Роден во сиромашен дел од државата Халиско, младоста ја минал во тешки услови, а во 80-тите години заминал во САД, каде бил уапсен поради поврзаност со дрога и подоцна депортиран.
По враќањето во Мексико извесно време работел како полицаец, што му овозможило подобро да ги разбере безбедносните структури, пред повторно да се врати во криминалниот свет. Со текот на времето станал лидер на картелот „CJNG“, организација која брзо прерасна во еден од највлијателните нарко-картели, познат по агресивната експанзија, модерната логистика и меѓународната трговија со дрога, особено синтетички опиоиди.
И покрај тоа што ретко се појавуваше во јавноста, неговото влијание беше значително, а експертите предупредуваат дека дури и евентуалното исчезнување на ваков лидер ретко значи крај на картелот, туку често носи нови тензии и борба за контрола.

Хаос во Халиско и други држави
Очевидци пријавиле столбови чад над неколку градови, вклучително и Гвадалахара, еден од градовите-домаќини на претстојното Светско првенство во фудбал. Во туристичкото одморалиште Пуерто Ваљарта на брегот на Халиско се проценува дека илјадници туристи останале заглавени во одморалиштата поради немирите. Во текот на вчерашниот ден пристигнувале извештаи за вооружени напаѓачи на улиците на Халиско и други држави.
Гувернерот на Халиско, Пабло Лемус Наваро, преку социјалните мрежи ги повика жителите да ги почитуваат предупредувањата од црвен код и да останат во своите домови, додавајќи дека јавниот превоз во државата е прекинат. Авиокомпаниите „United Airlines“, „American Airlines“ и „Air Canada“ ги откажаа летовите за Пуерто Ваљарта и Гвадалахара, додека лет на „Delta“ од Атланта бил пренасочен.
Реакции и политички последици
Поранешниот американски амбасадор во Мексико, Кристофер Ландау, го опиша Ел Менчо како „еден од најкрвавите и најнемилосрдните наркобосови“, а неговата смрт ја нарече „огромна работа за Мексико, САД, Латинска Америка и светот“. Мајк Вигил, поранешен шеф на меѓународните операции на американската агенција за борба против дрогата (DEA), ја оцени операцијата како „една од најзначајните акции во историјата на сузбивањето на трговијата со дрога“.
Убиството на Ел Менчо претставува важна победа за мексиканската претседателка во борбата против наркокартелите. Овој успех би можел да го зајакне и нејзиниот однос со американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно се закануваше со директни напади врз картелите на мексиканска територија.
Минатиот јануари Трамп изјави дека по нападите врз бродовите за шверц на дрога „сега ќе почне да удира и на копно“, додавајќи дека „картелите го водат Мексико“. Претседателката Шеинбаум тогаш одговори дека распоредување американски трупи преку границата „не е опција“. Сепак, доколку безбедносните сили не успеат брзо да ја стават ситуацијата под контрола, победата на мексиканската администрација би можела да остане во сенка на насилниот одговор на картелот.
Картелот Халиско – клучен играч во мексиканската трговија со дрога
Картелот Халиско Нова Генерација (CJNG) стекна озлогласена репутација со низа брутални напади врз безбедносни сили и функционери. Меѓу другото, со ракетен фрлач собориле воен хеликоптер, убиле десетици државни службеници и ги беселе телата на своите жртви од мостови за да ги заплашат ривалите.
Картелот, основан во Халиско во 2010 година, денес делува низ целиот Мексико. Американската „DEA“ го смета за главен ривал на моќниот картел Синалоа и проценува дека е присутен во сите 50 американски сојузни држави. CJNG е и клучен снабдувач со дрога за САД, заработувајќи милијарди од производство на фентанил.

Поголемиот дел од фентанилот во САД пристигнува преку Мексико
Според податоците на американската Царинска и гранична служба објавени во јуни 2025 година, од октомври 2024 во САД се запленети 4182 килограми фентанил. Речиси целиот износ, дури 96 проценти, е пресретнат на југозападната граница со Мексико. Помалку од еден процент е запленет на северната граница со Канада, додека остатокот пристигнал по морски пат или бил откриен на други контролни точки.























