Во текот на вчерашната вечер во Струмица избувнал пожар во кој бил зафатен џип марка „ланд ровер“. Според првичните и неофицијални информации кои ги пренесува порталот „Скопје 1“, возилото најверојатно му припаѓа на поранешен инспектор во Министерството за внатрешни работи.
Надлежните служби извршиле увид на местото на настанот. Засега не се соопштуваат официјални детали за причините, но според информациите што циркулираат во јавноста, постојат сомневања дека пожарот бил подметнат, пренесе порталот „Скопје 1“.
Според првичните информации, веднаш по избувнувањето на пожарот во вечерните часови на терен интервенирале пожарникарите, а од пожарот е целосно изгорен предниот дел на автомобилот.

Од МВР за „Скопје 1“ соопштиле дека вчера во СВР Струмица било пријавено дека во периодот од 19:30 до 19:45 часот настанал пожар на патничко возило „ланд ровер“ со струмички регистарски ознаки, сопственост на Н.М. (51) од Струмица, како и на патничко возило „форд“ со струмички регистарски ознаки, сопственост на В.Т. (53) од Струмица. За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а увид на местото извршиле инспектор за пожари и екипа на СВР Струмица и се преземаат мерки за расчистување на случајот.








