Актерот Шајa Лабаф е уапсен во Њу Орлеанс по наводна тепачка што следела по повеќедневно консумирање алкохол за време на прославата на Марди Гра.
Сведоци и келнери тврделе дека Лабаф со своето необично и агресивно однесување го „тероризирал градот“, што вклучувало одење без маица по барови и судири со гости, како и нанесување телесни повреди.
Веста прв ја објави „TMZ“, а „Variety“ потврди дека актерот е уапсен поради инцидент во кој била повикана и итна помош. Според судските записи, Лабаф се соочува со две обвиненија за нанесување полесни телесни повреди. Фотографиите објавени на „TMZ“ го прикажуваат како му се укажува медицинска помош од страна на болничари по тепачката што довела до апсењето.

Како што пренесува „The Hollywood Reporter“, Лабаф неколку дена го „тероризирал“ Њу Орлеанс, а снимките и објавите на социјалните мрежи го потврдуваат неговото необично однесување. Актерот, кој претходно јавно зборуваше за повеќегодишната трезвеност, наводно започнал да пие минатиот четврток.
Се појави и снимка што го прикажува Лабаф како се заканува со тепачка пред еден бар откако му било одбиено послужувањето алкохол, иако се верува дека тој инцидент не довел директно до апсењето.
Роберт Скус, член на обезбедување во еден бар, изјавил за „THR“: „Лабаф во неделата се појави пијан и без маица. Беше прилично воинствен. Беше замолен да го напушти локалот затоа што се обидуваше да глуми ‘славен бармен“.
Еден анонимен келнер изјавил дека актерот „го тероризира градот“, додека неговото однесување го критикувале и многу посетители на Марди Гра на социјалните мрежи.

Актерот претходно отворено зборуваше за својата борба со алкохолизмот и зависноста, припишувајќи ја својата агресија кон поранешната девојка, пејачката ФКА Твигс, на проблеми со злоупотреба и алкохол. Таа во 2020 година поднесе тужба против него за емоционално, физичко и психичко злоставување, а случајот беше завршен со вонсудска спогодба.
Лабаф тогаш изјави: „Со години се злоставував и себеси и сите околу мене. Имам историја на повредување на луѓето што ми се најблиски. Се срамам од тоа минато и ми е жал за оние што ги повредив. Немам изговор за својот алкохолизам или агресија, само рационализации. Не сум излекуван од ПТСН и алкохолизам, но посветен сум да направам сè што е потребно за закрепнување и засекогаш ќе жалам за луѓето што можеби сум ги повредил по тој пат“.








