Мејлови за принцот Ендрју и Вирџинија Џуфре излегоа во јавноста

Макфакс

17/02/2026

18:53

306

Големина на фонт

а а а

Принцот Ендрју имал спогодбен сексуален однос со Вирџинија Џуфре, се наведува во неконзуриран мејл упатен до осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, кој тој не го демантирал.

Во вторникот беше објавена приватна комуникација меѓу Епстин и еден новинар, за сексуален однос со помеѓу Ендрју и Џуфре, пишува „Дејли Мејл“.

Ендрју Маунтбатен-Виндзор претходно негираше дека воопшто ја запознал Џуфре, а камоли дека имал сексуален однос со неа, иако во 2022 година ѝ исплати 12 милиони долари за да се спогоди околу нејзината тужба за сексуален напад. Џуфре, една од првите жртви што јавно предупреди за злоупотребите на Епстин и неговите познаници, си го одзеде животот во април минатата година.

Епстин не го негирал тоа тврдење во размената на пораки од 16 јануари 2015 година. Тој му се пожалил на новинарот на „Њујорк Тајмс“, Ландон Томас Џуниор, дека неговиот углед бил нарушен откако Џуфре во судски поднесоци тврдела дека на почетокот на 2000-тите, кога имала 17 години, тој ја подведувал на Ендрју.

Две недели претходно, на 3 јануари 2015 година, Бакингемската палата издаде соопштение во кое изречно негираше „дека војводата од Јорк имал каков било облик на сексуален контакт или однос со Вирџинија Џуфре (тогаш Вирџинија Робертс)“.

Новинарот го советувал Епстин да се дистанцира од Ендрју, бидејќи принцот „ја одржува приказната жива“.

„Мислам дека е клучно да се дистанцираш од Ендрју. На крајот, тој имаше спогодбен секс со ВР, а ВР работеше за тебе. Ти продолжи понатаму! Луѓето тоа не го знаат и не можат да го прифатат ако јасно не го кажеш. Разбирам зошто изјава на некој начин би можела да помогне, но Ендрју (а не Клинтон и другите) ја одржува приказната жива“, му рекол новинарот на сексуалниот престапник.

Епстин не одговорил на неговиот совет ниту на тврдењето дека Ендрју имал спогодбен сексуален однос со Вирџинија. Наместо тоа, коментирал за девизните пазари. Неколку недели претходно, Џуфре во судски документи навела дека Епстин и Гислејн Максвел најмалку трипати во 2001 година, кога имала 17 години, ја подведувале за секс.

Епстин во мејловите навел и осум причини зошто тврдењата дека е трговец со луѓе се лажни, додавајќи дека е „лудо“ да се сугерира дека некогаш би барал малолетни девојчиња.

„Никогаш не сум бил сам во куќата. Персонал, пријатели итн. Ниту едно девојче никогаш не се пожалило, ниту еднаш“, напишал Епстин.

Размената на мејлови меѓу него и новинарот првпат беше објавена во декември 2015 година, но тогаш имињата беа затемнети. Неконзурираната верзија се појави во најновиот пакет документи што го објави Министерството за правда на САД. Ландон Томас Џуниор повеќе не работи за „Њујорк Тајмс“.

Документите сугерираат дека тој го предупредувал Епстин кога други новинари истражувале за него. Тврдеше дека на другите им велел дека тој е „добар човек“. Тој го напуштил „Њујорк Тајмс“ откако било објавено дека во 2017 година побарал од Епстин донација од 30.000 долари за културен центар, пренесува „Дејли Мејл“.