Памела Андерсон донесе боја на црвениот тепих на Берлинале каде прошета во комбинација од розова и пастелно зелена боја, и тоа на премиерата на филмот „Rosebush Pruning“.
Додека Калум Тарнер и Дуа Липа беа во центарот на вниманието на црвениот тепих пред премиерата на филмот, Памела му донесе малку боја на целиот настан.

Актерката се одлучи за долг фустан со розов горен дел кој беше споен со драматична, волуменозна наметка во ментол зелена боја, кои заедно создадоа впечатлива палета на пролетни нијанси. Станува збор за креација на Каролина Херера.
Фустанот елегантно ја следеше силуетата, а комбинацијата на бои дополнително беше нагласена со минималистички избор на обувки и модни додатоци.

Нејзините светли прамени беа благо навиткани додека позираше пред фотографите, а како и при претходните јавни појавувања, на лицето немаше шминка.
Покрај Андерсон и споменатите Тарнер и Липа, на премиерата на филмот во Берлин присуствуваа и Џејми Бел, Лукас Гејџ и Трејси Летс.
„Rosebush Pruning“ е сатирична, мрачна драма и трагикомедија на бразилскиот режисер Карим Ајнуз, која ја имаше својата светска премиера во главната натпреварувачка програма на Берлинале и е номинирана за Златната мечка.

Дејството на филмот ги следи четворицата браќа и сестри од САД – Џек, Ед, Ана и Роберт, кои живеат изолирано во раскошна вила на југот на Шпанија.
На почетокот, нивното секојдневие зрачи со бесцелeн луксуз и отуѓеност – ги игнорираат барањата на својот слеп татко, барајќи смисла и потврда преку меѓусебните односи, материјалните предмети и празните општествени перформанси.

Сè се менува кога постариот брат Џек одлучува да се пресели кај својата девојка Мара (Ел Фанинг), што предизвикува сериозни тензии во семејството. Во тој процес, Ед (Калум Тарнер) почнува да открива тајни за смртта на нивната мајка (во улога на Памела Андерсон) – а тоа постепено ги разоткрива генерациските лаги и ги ослабува врските што ги држеле заедно.















