Реката Темза би можела да стане капалиште прв пат во историјата

Точка

13/02/2026

15:32

375

Големина на фонт

а а а

Делот од реката Темза на југозападот од Лондон влезе во потесниот избор како едно од 13-те нови потенцијални места за капење во Англија, со што би станал прво официјално капалиште на Темза во главниот британски град.

Кандидатурата ја поднеле активисти откако собрале докази дека илјадници луѓе во текот на целата година го користат овој дел од реката за капење, пренесе Гардијан.

Марлен Лоренс од групата „Teddington Bluetits“, која има повеќе од 2.000 членови рекла дека статусот на место за капење би го поттикнал одржувањето на чистотата на Темза и официјалното одбележување на тој дел од реката.


Меѓутоа потенцијалното прогласување на капалиште би можело дополнително да ги закомпликува плановите на компанијата „Thames Water“, која има намера во близина на предложената локација да зафаќа десетици милиони литри вода дневно и да ги надомести со пречистени отпадни води од постројката Могден во западен Лондон.

Планот, првпат презентиран во 2019 година, претходно бил одбиен од Агенцијата за животна средина поради процената дека испуштањето големи количини на пречистени отпадни води би имало негативно влијание врз животната средина.


Во потесен избор се најдоа и други локации, вклучувајќи делови од реки и крајбрежја во Девон, Корнвол, Честер, Нортамберленд, Беркшир и Јоркшир.

Статусот на вода за капење значи построго и редовно тестирање на квалитетот на водата од страна на Агенцијата за заштита на животната средина, особено за присуство на фекални индикатори и поголем притисок врз водоводните компании за намалување на загадувањето со отпадни води.

Пример за таква практика е Илкли во Западен Јоркшир, каде што на реката ѝ бил доделен статус на вода за капење, по што компанијата „Јоркшир Вотер“ започнала со инвестиции во инфраструктура во вредност од повеќе од 98,6 милиони евра за подобрување на квалитетот на водата.


Јавната расправа за предложените 13 локации ќе трае шест недели.

Доколку бидат одобрени, новите локации ќе го зголемат вкупниот број на официјално означени места за капење на 464.

Организацијата „Ривер Екшн“ го поздрави проширувањето на листата, но предупреди дека квалитетот на водата во повеќето од постојните речни капалишта во Велика Британија е оценет како лош и повика на системски промени за намалување на загадувањето.