Во тешката сообраќајна несреќа која се случи во Сараево, при излизгување на трамвај од шините, повредени се четири лица, а едно лице го загуби животот. Овие информации се потврдени од болнички извори во попладневните часови.
Трамвајот излетал од шините кај Националниот музеј, срушил заштитна ограда и завршил на коловозот. При тоа било прегазено едно лице, кое загина, но не е потврден неговиот идентитет. Локалните медиуми првично јавија дека се работи за жена, а потоа дека настрадал маж.
Според Klix.ba, станува збор за 23-годишно момче. Лекарка од Сараево изјавила дека Брзата помош затекнала четворица повредени, при што една девојка била сериозно повредена и веднаш пренесена во болница.
На девојката ѝ ја ампутирале ногата
Медиумите подоцна известија дека девојката има 17 години и дека во болница ѝ била ампутирана ногата. Klix.ba јавува дека таа се наоѓа во тешка состојба и е животно загрозена.
Од Обвинителството на Сараевската жупанија потврдија дека едно лице загинало, но истакнаа дека до завршувањето на увидот нема да објавуваат други детали.

Претпоставки за причината на несреќата
Причините за несреќата сè уште се истражуваат. Несреќата се случила на крстосница каде минатата година, во рамки на проект за комплетна реконструкција, била обновена пругата. Се претпоставува дека излизгувањето е предизвикано од неприлагодена брзина, како и од староста на чешкиот трамвај, набавен уште во времето на поранешна Југославија.
Иако трамвајскиот сообраќај во Сараево е во процес на модернизација и се набавени целосно нови возила, на шините сè уште можат да се видат стари трамваи со сомнителна техничка исправност.


















