НАТО создава отскочна даска за воена агресија по должината на руската и белоруската граница, изјави денес секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу.
Тој во интервју за руските медиуми изјави дека клучните инструменти за обезбедување стратешка стабилност се уништени и дека тоа не е вина на Русија.
„Ова е резултат на намерни и систематски дејствија на западните земји“, рече Шојгу, објави Спутник.
Шојгу предупреди против зголемувањето на военото присуство на НАТО по должината на западните граници на земјите од Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), во близина на Русија и Белорусија.
„Европските земји тргнаа по патот на милитаризација, и покрај тешката економска ситуација. Военото присуство на НАТО се зголемува, а се зголемува и бројот на провокации во воздух и на море“, нагласи Шојгу.
Тој оцени дека заканата од дестабилизација во Иран, како и ситуацијата на таџикистанско-авганистанската граница, се фактори што влијаат на безбедноста на ОДКБ. „Проблеми сè уште постојат на јужните граници.
Ова вклучува, пред сè, напнатата ситуација на таџикистанско-авганистанската граница, каде што редовно се регистрираат нелегални преминувања на границата, што често резултира со вооружени конфликти со таџикистанските граничари, како и заканата од дестабилизација во Иран“, изјави Шојгу.
Тој, исто така, ја истакна зголемената улога на ОДКБ, Заедницата на независни држави (ЗНД), Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и Шангајската организација за соработка (ШОС) во безбедноста.
„Полека, но сигурно, се гради заедничка евроазиска безбедносна архитектура, иако засега, сепак, без западниот дел од континентот, каде што суверенитетот на повеќето држави е, на пример, ограничен“, оцени Шојгу, пренесува Танјуг. Тој истакна дека е потребно „активно да се работи на развојот на силите и средствата на колективниот безбедносен систем“











