Во написот што го објави „Independent“, авторката Сара Веб заедно со Ребека Ален испробале печурки кои биле одгледувани на вселенска станица.
Печурките расфрлани по даската за сечење не изгледале воопшто необично. Биле цврсти, месести и го имале оној препознатлив, земјен мирис. Во тенџере, заедно со сирењето, се претвориле во густ, кремаст сос за паста. Првиот залак ги отстранил сите сомнежи — вкусот бил извонреден, а аромата на лавја грива веднаш се издвојувала.
Сепак, овие печурки не биле обични. Не пристигнале од пазарот ниту од специјализирана продавница. Тие биле поинакви од сите други бидејќи претходно биле во вселената.
Станува збор за печурки кои поминале повеќе од еден месец на Меѓународната вселенска станица, за потоа безбедно да се вратат на Земјата и во 2025 година повторно да пристигнат во Австралија.
Експериментот започнал во август 2024 година, кога 36 мали шишиња со мицелиум од три јадливи видови печурки биле испратени во орбита со ракетата „SpaceX Falcon 9“. Тестирани биле лавја грива, мисиркина опашка и кордицепс — видови познати по позитивното влијание врз мозокот, имунитетот и дигестивниот систем, што ги прави особено интересни за идни долгорочни вселенски мисии.
Мицелиумот на станицата бил херметички затворен и чуван во контролирани услови, без директен контакт со астронаутите. По речиси еден месец, се вратил на Земјата и потоа бил поставен во хранлива подлога за да се провери дали воопшто ќе продолжи да расте.

Резултатот ги изненадил и самите истражувачи. Веќе по неколку дена се појавиле првите знаци на раст, а наскоро пораснале и целосно развиени печурки, спремни за берба и подготовка. Уште поважно, се покажало дека престојот во услови на намалена гравитација немал негативно влијание — мицелиумот продолжил да дава нови плодови во повеќе циклуси.
Ова истражување доаѓа во момент кога НАСА се подготвува за мисијата Артемис II и враќањето на луѓето на Месечината. Едно од клучните прашања за идните вселенски патувања е како да се обезбеди квалитетна, свежа и нутритивно вредна храна за астронаутите за време на повеќемесечни мисии.

Печурките кои преживеале во вселената и продолжиле да растат по враќањето на Земјата покажуваат дека можеби одговорот веќе постои и дека идната исхрана во вселената нема да се потпира исклучиво на дехидрирани оброци во кесички.















