Бед Бани постави нов рекорд за најгледан настап на полувремето на Супербоул во историјата, остварувајќи 135,4 милиони прегледи ширум светот.
Порториканската музичка ѕвезда, со вистинско име Бенито Мартинез Окасио, беше главна ѕвезда на полувремето на „Apple Music Super Bowl LX“ што се одржа на стадионот „Levi’s“ во Санта Клара, Калифорнија.
Овој 31-годишен пејач донесе латино енергија и свои корени на една од најголемите светски сцени, изведувајќи песни како „NUEVAYoL“, „DtMF“ и „EoO“.
И покрај брзите критики од коментатори и од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, податоците за гледаност во живо покажаа дека се работи за најгледаниот настап на полувреме некогаш.
Со тоа, Бед Бани го надмина рекордот од минатата година на Кендрик Ламар, чиј настап го гледаа 133,5 милиони луѓе. За споредба, настапот на Ашер во 2024 година го следеле 129,3 милиони, додека настапот на Ријана во 2023 имал 121 милион прегледи.
Бед Бани влезе во историјата и како првиот музичар што настапил целосно на шпански јазик на Супербоул, како и првиот соло латиноамерикански изведувач што го водел шоуто на полувреме.
Посебно внимание привлекоа и гостите-изненадувања. Лејди Гага се појави по неговиот почетен сет и заедно со него ја отпеа песната „Die With a Smile“ во преработена верзија во стил на салса, додека Рики Мартин подоцна настапи со песната „Lo Que Le Paso a Hawaii“.

Меѓу познатите гости беа и Педро Паскал, Карди Би и Џесика Алба. Реакциите на гледачите на социјалните мрежи беа исклучително позитивни.
Настапот започна со песната „Titi Me Pregunto“, која Бед Бани ја изведе шетајќи низ сценографијата од поле со шеќерна трска поставено на теренот. Беше облечен во кратка бела кошула, бели панталони од „Zara“ и бели ракавици и носеше топка за американски фудбал.
На самиот крај од настапот изјави: „Боже, благослови ја Америка!“ и ги наброја имињата на латиноамериканските земји од кои потекнуваат многу имигранти во САД, додавајќи ги САД, Канада и својата татковина Порторико.
Зад него заблеска билборд со порака: „Единственото нешто посилно од омразата е љубовта“. Настапот заврши со огномет, со црвен, бел и син чад кој го исполни стадионот.

Пред Супербоул, дел од навивачите, вклучувајќи поддржувачи на „MAGA“ движењето и следбеници на Доналд Трамп, го критикуваа изборот на Бед Бани, а фановите се прашуваа дали ќе го искористи настапот за да говори за имиграциската политика и акции на „ICE“ низ САД.
Ова не беше негов прв настап на Супербоул, бидејќи во 2020 година гостуваше на настапот на Џенифер Лопез и Шакира.
Покрај тоа, историскиот настап на Бед Бани дојде само седум дена откако на 68-то доделување на Греми наградите ја освои наградата за албум на годината за „Debi Tirar Mas Fotos“, со што стана првиот изведувач чиј албум на шпански јазик го освоил ова престижно признание.












