[ФОТО] Најголемиот стадион во светот се гради во Виетнам, ќе има капацитет од дури 135.000 седечки места

Точка

09/02/2026

20:48

602

Големина на фонт

а а а

Виетнам ја започна изградбата на стадион кој, по завршувањето на работите, треба да стане најголемиот спортски стадион во светот.

Станува збор за стадионот Тронг Донг, чија изградба започна во декември, а планираното отворање се очекува во 2028 година.

Капацитетот на стадионот ќе изнесува дури 135.000 гледачи, со што ќе ги надмине сите постојни и планирани спортски објекти на планетата. Проектот е замислен како клучен чекор во остварувањето на виетнамскиот сон да стане домаќин на најголемите спортски и културни настани и нова препознатлива знаменитост на Азија.

Стадионот е проектиран во согласност со строгите стандарди на ФИФА, АФЦ, Азиското олимписко советодавно тело и други меѓународни спортски организации. Со тоа се поставуваат темелите Виетнам во иднина да се кандидира за домаќинство на Азиските игри (АСИАД), Олимписките игри, Светското првенство во фудбал, како и континентални финалиња и други глобални манифестации.

За споредба, стадионот Тронг Донг ќе биде поголем и од Гранд Стад Хасан II во Мароко, кој сè уште е во изградба и има планиран капацитет од 120.000 места, а кој Мароко го гледа како потенцијален стадион за финалето на Светското првенство во 2030 година.

Една од главните карактеристики на стадионот ќе биде подвижниот покрив, кој ќе овозможи одржување спортски настани на отворено, но и концерти, фестивали, уметнички настапи, општествени манифестации и други настани од големи размери во текот на целата година.

Посебно внимание привлекува и архитектонското решение на стадионот. Називот Тронг Донг, што во превод значи бронзен тапан, е инспириран од симболот Донг Сон, едно од најзначајните обележја на древната виетнамска цивилизација. Дизајнот го претставува духот на заедништвото, силата и долговечноста, а целта е стадионот да стане културна и архитектонска икона на земјата.

За време на презентацијата на проектот, виетнамската влада порача:

„Стадионот Тронг Донг се развива со истата стратешка визија како и другите големи стадиони ширум светот, со фокус не само на спортската функција, туку и на создавање архитектонска и културна икона што ќе го претставува Виетнам во новата ера“.