Линдзи Вон во неделата доживеа тешка скршеница на ногата на спустот кој се одржа во рамки на Зимските олимписки игри во Италија. Таа беше оперирана во болница во Тревизо, а од болничкиот кревет најпрво му се јави на својот тренер.
Спортскиот свет остана во шок по страшниот пад на Линдзи Вон (41) на спустот на Зимските олимписки игри. Американката ризикуваше настапувајќи со скинати лигаменти, а потоа доживеа тежок пад со кој дополнително ја влоши повредата. Во болницата во Тревизо беше подложена на двојна операција поради сериозна скршеница на ногата и сега ѝ претстои долг период на закрепнување. Од болничкиот кревет му се јави на тренерот Свиндал.
Нејзиниот ментор и поранешен скијач Аксел Лунд Свиндал објави што му порачала легендарната Американка по двојната операција.

„Честитај ѝ и кажи ѝ на Бризи дека заврши одлична работа“.
Покрај тоа, Норвежанецот напиша и цела посвета за својата скијачка на профилот на „Инстаграм“.

„Линдзи, неверојатно си храбра. Ги инспирираш луѓето кои го следат твоето патување, како и нас што секојдневно тесно соработуваме со тебе. Вчера беше тежок ден на планината – за сите, но најмногу за тебе. Сепак, се случи нешто што мислам дека кажува сè: „Честитај ѝ и кажи ѝ на Бризи дека заврши одлична работа“. Твојата колешка беше во водство и тоа е пораката што сакаше тренерите на американската скијачка репрезентација да ја запомнат. Вистинскиот карактер се покажува во тешките моменти.















