НАТО, Европската Унија и ОБСЕ стануваат застарени, а светот покажува сè поголем интерес за создавање единствена евроазиска безбедносна архитектура, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров истакна дека сите овие организации стануваат застарени – НАТО, кој, според него, не ги исполни своите ветувања кон Советскиот Сојуз дека нема да се шири на исток, како и ЕУ, која „ја уништи целата соработка со Русија“, а особено ОБСЕ, која, како што истакнува, целосно се потчини на едностраните дејствија на Западот и го заборави основниот принцип на консензус, согласност на сите свои членки, пренесува РИА Новости.
Лавров изјави за телевизијата „БРИКС“ дека светот сè повеќе покажува интерес за руската иницијатива за создавање евроазиска безбедносна структура која се гради врз основа на Големото евроазиско партнерство, кое веќе се развива во односите меѓу Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), Шангајската организација за соработка (ШОС) и Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН).
„Западот се стреми да го зачува униполарниот свет врз основа на улогата на доларот и институциите што ги создаде, но тоа е невозможно да се направи додека се ограничуваат новите центри за раст“, истакна Лавров.
Според него, низ целиот свет се појавија нови центри на брз економски раст, како што се Индија, Бразил и Кина, а трансформација се случува и во Африка, каде што земјите престануваат да се потпираат на извозот и ги развиваат своите индустрии.
„Западот не сака да се откаже од своите некогаш доминантни позиции. Покрај тоа, со доаѓањето на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, оваа борба за потиснување на конкуренцијата стана особено очигледна и отворена. Всушност, администрацијата на Трамп во Вашингтон дури и не ги крие овие амбиции. Тие тврдат дека мора да доминираат во енергетскиот сектор и да ги ограничат своите конкуренти“, истакна Лавров.
Во есента 2024 година, на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, Белорусија и Русија предложија развој на Евроазиска повелба за разновидност и мултиполарност во 21 век и ги поканија другите евроазиски држави да се приклучат на овој напор.
Белорусија и Русија ги изложија своите прелиминарни ставови за повелбата во документ насловен како „Заедничка визија за Евроазиска повелба за разновидност и мултиполарност во 21 век“.
Соединетите Американски Држави не брзаат да ги укинат санкциите против Русија, и покрај разговорите за потенцијална соработка, изјави Лавров.
Тој изјави за руската телевизија БРИКС дека Русија останува отворена за соработка со САД, но дека Вашингтон создава вештачки бариери.
Лавров истакна дека не гледа светла иднина во економската сфера на односите меѓу Русија и САД, објави РИА Новости.
Лавров истакна дека Русија, поради создавањето вештачки бариери од страна на САД, е принудена да бара дополнителни, безбедни начини за развој на финансиски, економски, интеграциски, логистички и други проекти со земјите-членки на БРИКС, објави Танјуг.
















