Дал да јадам ил да пијам кафе – ценовен шок во кафулињата

Денар

27/02/2026

20:09

1.024

Големина на фонт

а а а

Кафето кое со децении важеше за најевтиниот луксуз во градот, денес во некои локали достигнува и до 200 денари. За некого тоа е само бројка на сметка, за друг е знак дека секојдневната навика полека се претвора во привилегија.

Угостителите велат дека не станува збор за алчност, туку за гола математика. Граѓаните, пак, тврдат дека сметката одамна престанала да биде разумна.

Во централните градски подрачја, ценовниците се менуваат побрзо отколку што се менуваат сезоните.

Еспресото кое пред неколку години чинеше 60 или 70 денари, денес во одредени кафулиња е двапати поскапо. Некои пијалаци се зголемени и до 200 проценти. Реакциите се гласни, особено на социјалните мрежи. Луѓето коментираат дека за цената на две кафиња може да се купи килограм основни прехранбени производи. И тука почнува спорот.


Сопствениците на локали објаснуваат дека набавната цена на кафето е повисока, дека струјата и кириите се зголемени, дека платите на вработените мора да се усогласат со инфлацијата.

Еден угостител признава дека маржите не се исти како порано, дека секој месец се прави нова пресметка, па ако бројките не се поклопат, цената мора да оди нагоре. Инаку, велат, нема одржлив бизнис.

Економските аналитичари потсетуваат дека глобалните берзи на сурово кафе изминатите години бележат нестабилност, а транспортните трошоци и енергенсите директно влијаат врз крајната цена.

Но додаваат дека покрај реалните причини, постои и психолошки момент. Кога инфлацијата ќе стане општ аргумент, таа лесно може да се претвори во оправдување за дополнителни поскапувања.

Не секое зголемување е нужно зло, велат тие. Понекогаш е и прашање на позиционирање на локалот, на имиџ, на тоа каква публика се таргетира.


Познавачите на угостителскиот сектор укажуваат дека кафулињата одамна не продаваат само кафе, туку атмосфера. Локација, уредување, музика, услуга. Цената не е само за шолјата, туку и за чувството дека сте дел од некаква урбана сцена. Прашањето е до каде купувачите се подготвени да го платат тоа чувство. Затоа што, на крајот од денот, сметката ја плаќаат тие.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека не им пречи умерено поскапување, но дека тројно зголемување е тешко да се прифати. Еден редовен посетител на локали коментира дека кафе ќе пие, но не секој ден и не на секое место.

Друг додава дека полека се враќа навиката на домашно кафе и покани по станови. Мал гест на отпор, можеби. Или едноставно прилагодување.

Експертите предупредуваат дека доколку куповната моќ не расте со исто темпо како цените во угостителството, пазарот сам ќе реагира.


Потрошувачите ќе селектираат, ќе скратат, ќе бараат поевтини алтернативи. Некои локали ќе опстанат со повисоки цени и посебна клиентела, други ќе мора да ги коригираат ценовниците. Тоа е динамика што се повторува секогаш кога економските услови се менуваат.


Целиот текст прочитајте го ОВДЕ.