Во тешка трамвајска несреќа во Милано загина едно лице, а 39 се повредени, од кои некои потешко, јави Би-Би-Си.
Несреќата се случила околу 16 часот на улицата „Виторио Венето“, во северниот дел на градот, кога трамвај излетал од шините и удрил во зграда. Според првичните информации, жртвата е пешак, додека најголем дел од повредените се патници во возилото.
На местото на настанот интервенирале повеќе екипи на итната помош и цивилната заштита, а поставен е и шатор за згрижување на повредените. Има информации дека дел од луѓето биле заробени во оштетениот трамвај.
Сведоци изјавиле дека непосредно пред несреќата се слушнала силна бучава, по што трамвајот забрзал и удрил во објект. Еден од патниците изјавил дека помислил оти станува збор за земјотрес.
Причините за несреќата засега не се познати, а според медиумите, можно е возилото пребрзо да влегло во остра кривина. На местото на настанот пристигнал и градоначалникот на Милано.








