„Сѐ се случи за миг“ – сестрата на Линдзи Вон зборуваше за нејзината состојба по страшниот пад на Олимписките игри

Макфакс

08/02/2026

16:51

578

Големина на фонт

а а а

Линдзи Вон моментално е на лекарски прегледи по тешкиот пад што ѝ се случи утрово, потврди нејзината сестра Карин Килдо во изјава за „Ен-Би-Си“. Таа рече дека сцената била застрашувачка и многу тешка за гледање.

„Тоа дефинитивно беше последното што сакавме да го видиме. Сѐ се случи многу брзо и во такви моменти само се надеваш дека е добро“, рече Килдо.

Таа додаде дека станало уште пострашно кога забележале дека изнесуваат носила.

„Тоа никогаш не е добар знак. Но, како што вели онаа изрека за човекот во арената – таа се осмели, даде сѐ од себе и одеше до крај. Тешко е да се гледа, но најважно е таа да биде добро“, изјави таа.

Сестрата на познатата американска скијачка потврди дека во моментов не знаат што следува: „Превезена е со хеликоптер од местото на несреќата. Со неа се сите нејзини лекари, хирурзи и физиотерапевти. Ќе не известат и ќе отидеме во болницата каде што ја прегледуваат. Засега знаеме само дека е на прегледи и се надеваме наскоро да добиеме повеќе информации.“

Главниот брзински тренер на американскиот скијачки тим, Пол Кристофик, изјави дека Линдзи Вон и понатаму е под медицинска проценка во Кортината, а тимот сѐ уште нема добиено никакво ажурирање за нејзината здравствена состојба.

„Сѐ уште не знаеме ништо конкретно“, изјави Кристофик. „Таа е со медицинскиот тим во болница. Во моментов се проценува во Кортината. А потоа, во зависност од сериозноста на повредата, ќе се донесе одлука каде ќе биде сместена.“