Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зеленски

Макфакс

07/02/2026

17:05

898

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина, но без учество на Киев.

Тој тоа го изјави на брифинг за новинари вчера, во време на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната, при што веќе следната недела се очекува можено продолжение на трилатералните преговори помеѓу Украина, САД и Русија, веројатно на американска територија, пишува „Киев индипендент“.

„Со оглед на потенцијалните ризици, украинската делегација го пренесе ставот дека, ако и дојде до билатерални договори меѓу Русија и САД, одредбите што се однесуваат на Украина не смеат да бидат во спротивност со нашиот устав“, рече Зеленски, алудирајќи на територијални прашања.


Тој нагласи дека Киев добива сигнали за можно потпишување на билатерални документи помеѓу Вашингтон и Москва, вклучувајќи ги и оние за економска соработка.

Зеленски додаде дека Украина нема целосен увид во сите можни деловни аранжмани, но дека некои детали протекле низ разузнавачките канали. Како пример тој го наведе таканаречениот „Дмитриев пакет“, кој во САД наводно го претставил рускиот преговарач Кирил Дмитриев.

„Разузнавачите ми го покажаа таканаречениот ‚Дмитриев пакет‘ претставен во САД – вреди околу 12 трилиони долари“, рече Зеленски, опишувајќи го како предлог за обемна економска соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека Киев забележал и знаци дека потенцијалните американско-руски документи можат да содржат одредби кои се однесуваат на Украина.


„Јасно велиме дека Украина нема да поддржи никакви договори за нас без нас“, заклучи тој.