Во Велика Британија имало 36 случаи на бебиња кои покажале симптоми на труење со токсини поврзани со неодамнешните повлекувања на бебешки адаптирани производи, соопшти Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија (UKHSA).
Минатиот месец, компанијата „Nestlé“ повлече повеќе од 60 серии од својата SMA адаптирана формула поради сомневања дека содржат токсин цереулид, кој може да предизвика симптоми како што се повраќање и дијареја, пишува „Independent“.
По повлекувањето на производот, кое вклучуваше адаптирана формула во прав и готова (течна) адаптирана формула за бебиња и мали деца, UKHSA соопшти дека добила 24 пријави во Англија, седум во Шкотска, три во Велс, една во Северна Ирска за деца кои, по консумирањето на спорните серии, развиле симптоми кои се конзистентни со труење со цереулиден токсин.
Агенцијата за стандарди за храна (FSA) потврди минатиот петок дека токсинот доаѓа од масло од арахидонска киселина (ARA), кое е клучно за развојот на доенчињата и се додава во адаптирана формула за бебиња кои не се дојат.
Најновата серија што треба да се повлече се однесува на пакувања од 800 грама од формулата за новороденчиња SMA Advanced First Infant Milk (датум на истекување: декември 2027 година, код 53390346AB), за која FSA потврди дека била дистрибуирана исклучиво во Северна Ирска.
Други производи на „Nestlé“ погодени од повлекувањето вклучуваат: SMA Advanced Follow-On Milk, SMA Anti Reflux, SMA Alfamino, SMA First Infant Milk, SMA Little Steps First Infant Milk, SMA Comfort и SMA Lactose Free, според светските агенции.
На 23 јануари, „Danone“, исто така, повлече серија од својата формула за новороденчиња „Aptamil“, поради загриженост дека може да содржи цереулид.
Во тоа време, FSA соопшти дека само една серија продадена во Велика Британија е засегната, но дека се засегнати и дополнителни серии во други земји.
Минатата недела беше откриено дека контаминацијата што доведе до двете повлекувања доаѓа од заеднички снабдувач на состојки од трета страна.
FSA ги повика сите што имаат некој од засегнатите производи да престанат да ги користат, да преминат на алтернатива и да контактираат со својот матичен лекар ако нивното бебе веќе ја консумирало формулата.












