Венс: Европа е дволична, јавно ја напаѓа Америка, тајно ѝ се поклонува

Макфакс

05/02/2026

11:40

301

Големина на фонт

а а а

Европа, и покрај острите јавни пораки и изјавите за несогласување со барањата на Вашингтон, продолжува со тесната соработка со Соединетите Американски Држави, изјави потпретседателот на САД Џej Ди Венс.

Во интервју со новинарката Мегин Кели, Венс оцени дека постои јасен јаз помеѓу она што европските претставници го кажуваат јавно и нивното однесување во директните контакти со американската администрација. „Ова ми е малку смешно, бидејќи во личните интеракции Европејците се многу пријателски расположени и подготвени да прават отстапки“, рече Венс.

Во исто време, тој додаде дека јавните настапи честопати испраќаат спротивни пораки, нагласувајќи дека Европа нема да соработува со Соединетите Американски Држави. Американскиот потпретседател го нарече таквото однесување „глупост“, изразувајќи верување дека конечната одлука за Гренланд – прашање што дополнително ги затегна односите меѓу Вашингтон и Брисел – на крајот ќе ги задоволи двете страни.

Европската народна партија, чиј член е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека трансатлантските односи се во сериозна криза. Оваа политичка група објави дека односите меѓу Европската Унија и САД се „на најниско ниво досега“, што е поврзано со тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд.

Во истиот контекст, се огласи и финскиот претседател Александар Стаб, повикувајќи ги европските лидери да го прифатат фактот дека САД се менуваат и дека Вашингтон им пристапува на своите сојузници во ЕУ поинаку. Според него, сегашната надворешна политика на американската администрација се базира на идеологија „спротивна на европските вредности“, при што ваквите потези, како што предупреди, го поткопуваат меѓународниот поредок и ја намалуваат важноста на Европа на глобалната сцена.