Истражувачи од Швајцарската федерална техничка висока школа (ЕТХ) во Цирих тестирале четириножен робот за анализа на вулкански гасови и собирање податоци корисни за предвидување на вулкански ерупции.
Роботот со четири нозе бил распореден на падините на Етна за да собира податоци важни за предвидување на вулкански ерупции и да ги намали ризиците за научниците кои работат на терен, пренесе РАИ.
Станува збор за експеримент на тим од ЕТХ Цирих, Федералната политехничка школа во Цирих, една од водечките европски научни институции.
Роботот наречен „ANYmal“ бил испратен на падините на вулканот за да ги анализира гасовите што се ослободуваат од подземјето, а кои можат да укажуваат на промени во магматската активност.
„Сакаме да предвидиме кога ќе дојде до ерупции, а за тоа нѝ се потребни податоци“, објаснила Јулија Рихтер од Лабораторијата за роботски системи при ЕТХ.
„ANYmal“ е опремен со масен спектрометар развиен од швајцарската компанија „INFICON“, кој може да идентификува хемиски супстанции додека роботот се движи по нестабилен терен, како вулкански песок и рабови на кратерот.
Благодарение на системи на вештачка интелигенција базирани на алгоритми што овозможуваат учење од околината, „роботот-куче“ учи самостојно да се ориентира.

За време на тестирањето регистрирал емисии на јаглерод-диоксид и сулфур-диоксид – гасови индикатори чии промени можат да најават ерупција, пренесе Танјуг.






