Објавена е листа на најчесто користени четирицифрени ПИН-кодови, и ако вашиот ПИН се наоѓа меѓу нив, добро е да размислите за негово менување што е можно поскоро.
Изборот на добар ПИН може да биде предизвик. Треба да биде лесен за паметење, но не треба да се запишува. За разлика од лозинките, тука не можете да користите големи букви или интерпункциски знаци – ограничени сте на само десет цифри, пишува „Унилад“ (UNILAD).
Лесно е да се избере нешто како датум на раѓање. Но, дали тоа навистина ве штити од ризик? Во денешниот дигитален свет, повеќето луѓе се свесни за важноста на заштита на своите податоци, но лесно може да се занемари значењето на четирицифрениот број кој го прави вашиот ПИН.

Не станува збор само за банкарски сметки, туку и за телефони, сефови и други уреди. Ако вашиот ПИН е премногу едноставен и некој го погодил, станува главна цел за хакери и крадци. Затоа е важно да размислувате креативно при изборот на броеви.
Ник Бери од компанијата „ДатаЏенетикс“ (DataGenetics) ги анализирал податоците и составил листа на десет најчести ПИН-кодови кои треба да се избегнуваат ако сакате да останете безбедни. Можете ли да погодите кој е најчестиот? За четирицифрен ПИН, најлесен избор е 1234, но луѓето често прават и други вообичаени грешки кога се обидуваат да избегнат премногу едноставни комбинации.
10-те најчести ПИН-кодови:
1234
1111
0000
1212
7777
1004
2000
4444
2222
6969

Треба да се избегнуваат и години на раѓање, бидејќи години како 2000 исто така се на листата на најчести ПИН-кодови, додека 2001 е на 20-то место. Според Бери, 20-те најчести ПИН-кодови сочинуваат 26,83 отсто од 3,4 милиони анализирани ПИН-кодови.
Најреткиот ПИН во оваа студија е 8068, кој се појавил само 25 пати од 3,4 милиони ПИН-кодови. Покрај тоа, 20-те најмалку користени ПИН-кодови покажуваат препознатливи обрасци – ниту еден од нив не започнува со броевите 1, 2, 3, 4 или 5.
Најретки ПИН-кодови:
8557
8438
9539
7063
6827
0859
6793
0738
6835
8093









