Во Јонското Море се пронајдени остатоци од брод за кој, врз основа на товарот што го превезувал, се верува дека потонал во IV век од н.е., на пат од Африка кон Апенинскиот Полуостров, пренесоа денеска италијанските медиуми.
Ова откритие повеќе од шест месеци било чувано во тајност за да се заштити од ограбувачи и авантуристи, а за истражувачката операција биле потрошени околу 780 илјади евра, пренесе римскиот дневник „Република“.
Од длабочините на Јонското Море биле извадени амфори во кои бил транспортиран драгоцен рибен сос гарум, омилен зачин за гозбите на дворот на римските цареви.
За производство на гарум се користеле ситни риби како сардини, скуши и инчуни, внатрешности од поголеми риби, сол, ароматични билки и зачини.

Амфорите откриени кај руината од бродот биле изработени во Северна Африка и претставуваат значаен артефакт за реконструкција на трговските рути од тоа време.
Руината од бродот била случајно откриена за време на вообичаени активности на италијанската Финансиска полиција, која со помош на бродски инструменти регистрирала необичен објект на морското дно.
Нуркањата што потоа биле изведени со помош на воен нуркачки тим потврдиле дека станува збор за руина од голем товарен брод од периодот на доцната антика на Римското Царство.
Поморската зона, од моментот на откривањето на руината, била под непрекинат 24-часовен надзор на италијанските поморски безбедносни служби.







