Се огласи Здравко Чолиќ откако беше фрлена бомба врз неговата куќа: Еве што вели пејачот за инцидентот во Дедиње

Точка

03/02/2026

15:12

1.364

Големина на фонт

а а а

Врз семејната куќа на регионалната музичка ѕвезда Здравко Чолиќ, која се наоѓа во белградската населба Дедиње, во текот на ноќта била фрлена бомба. По повод овој настан се огласи и самиот пејач, кој моментално не се наоѓа во Србија.

Имено, Чолиќ преку својата ПР-агенција истакна дека сите членови на семејството се добро и апелираше на одговорно известување на медиумите.


„Моментално сум надвор од Србија. Во Загреб сум, каде што ги завршувам последните песни за новиот албум. Во Белград сè е во ред, фала му на Бога, сите се добро. Го разбирам интересот на медиумите, но морам да истакнам дека некои наводи во последните текстови се интерпретирани на начин кој не ѝ одговара на точната и вистинската ситуација. Сметам дека е важно информациите да се пласираат одговорно и врз основа на проверени факти. Увидот е во тек и го очекуваме извештајот од полицијата“, истакна Чолиќ.


Според информациите што се достапни досега, во експлозијата немало повредени лица, но е причинета значителна материјална штета на имотот.

„Оштетен е голем дел од фасадата на куќата, како и оградата во дворот. Исто така, пукнале стаклата на возилото кое било паркирано во дворот, а дошло и до оштетување на самиот автомобил“, открил извор за српските медиуми.


Да потсетиме, српските медиуми објавија дека синоќа била фрлена бомба врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград.

Како што наведува „Telegraf“, полициските сили веднаш по пријавата ги блокирале приодите до објектот, а увид на лице место вршат припадници на српското МВР и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград.